Мајкрософт најавува големи инвестиции во вештачката интелигенција

Шпанскиот премиер Педро Санчез и менаџерот на Мајкрософт Бред Смит вчера објавија дека ќе бидат инвестирани 1,95 милијарди евра (2,1 милијарди долари) во период од две години

Photo by Matthew Manuel on Unsplash

Американскиот гигант Мајкрософт најави дека ќе потроши милијарди евра на центри за податоци за вештачка интелигенција во Шпанија, покрај големите инвестициски проекти што ги планира во Германија, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Шпанскиот премиер Педро Санчез и менаџерот на Мајкрософт Бред Смит вчера објавија дека ќе бидат инвестирани 1,95 милијарди евра (2,1 милијарди долари) во период од две години. Парите ќе бидат искористени за проширување на инфраструктурата за вештачка интелигенција и т.н. облак (cloud), напиша Смит на онлајн платформата X.

Минатата недела Смит најави инвестиции од речиси 3,3 милијарди евра во рок од две години за Германија масовно да ги прошири капацитетите на центрите за податоци за апликации за вештачка интелигенција и за т.н. „интернет облак“ (Cloud).

Најголемата поединечна инвестиција во 40-годишната историја на Мајкрософт во Германија вклучува и програма за обука за вештачка интелигенција која има за цел да достигне до 1,2 милиони луѓе.

Минатиот ноември, Мајкрософт веќе вети дека ќе инвестира 2,5 милијарди фунти (3,15 милијарди долари) во вештачка интелигенција во Британија до 2026 година. Еден месец претходно, Смит вети инвестиција од 5 милијарди австралиски долари (3,26 милијарди долари) во секторот за вештачка интелигенција за време на посетата на Австралија.