Полската полиција уапси двајца пратеници во претседателската палата, Дуда ги криел

Станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи Мариуш Камински и неговиот заменик-министер Масиеј Вашик, кои беа осудени од полскиот суд за злоупотреба на власта во 2007 година, беа помилувани од претседателот Дуда во 2015 година, а Врховниот суд потоа го отфрли помилувањето и го врати случајот на повторно судење

Серија од протести ја погодија Полска во 2023 година поради владеењето на партијата Право и правда; Извор на фотографија: Bartek z Polski - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=132653286

Двајца пратеници на сега веќе опозициската партија Право и правда, беа уапсени од полицијата во палатата на полскиот претседател Анджеј Дуда, каде беа криени од страна на претседателот. Станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи Мариуш Камински и неговиот заменик-министер Масиеј Вашик, кои беа осудени од полскиот суд за злоупотреба на власта во 2007 година, беа помилувани од претседателот Дуда во 2015 година, а Врховниот суд потоа го отфрли помилувањето и го врати случајот на повторно судење, пишува Гардијан.

Ваквата ескалација на политичката ситуација следи по формирањето на новата проевропска влада на чело со премиерот Доналд Туск, кој успеа по осум години да ја симне од власт партијата Право и правда. Претседателот Дуда пак е силен приврзаник на сега веќе опозициската партија и неговиот мандат истекува на средината на 2025 година.

Премиерот Доналд Туск го обвини претседателот Дуда дека заедно со партијата Право и правда работи на создавање хаос и нестабилност во Полска по изборниот пораз на неговата партија, велејќи дека Дуда „мора да го запре овој спектакл, кој води до многу опасна ситуација“.

Премиерот тврди дека претседателот ја попречува правдата, давајќи им засолниште на бараните лица од правдата. На прес-конференција, тој прочита дел од Кривичниот законик за кој тврди дека Дуда го прекршил, а за кој се предвидува затворска казна од три месеци до пет години.

„Само сакам претседателот да биде свесен на што го измамиле неговите политички пријатели. Тие се тие што му поставуваат стапица, а не јас“, рече Туск.

Двајцата високи членови на партијата Право и правда излегоа од претседателската палата пред да бидат уапсени за да разговараат со новинарите.

„Не се криеме“, рече Камински. „Во моментов сме со претседателот на Република Полска додека злото не загуби“, додаде тој.

Камински и Вашик беа осудени за злоупотреба на власта за дејствија преземени во 2007 година, кога служеа во претходната влада предводена од партијата Право и правда. Во декември 2023 од судот тие беа осудени на две години затвор. Двајцата инсистираат на тоа дека се невини. За време на нивното апсење, пред претседателската палата се насобраа стотици приврзани на партијата Право и правда.

Кога партијата Право и правда се врати на власт во 2015 година, претседателот Дуда им даде помилување на Камински и Вашик за преземените дејствија од 2007 година, откако тие веќе беа осудени за злоупотреба на моќта, но пред нивните жалби да отидат до повисокиот суд, дозволувајќи им со тоа да заземат високи владини позиции. Во јуни, Врховниот суд на Полска ги отфрли помилувањата на двајцата и нареди повторно судење.

Во вторникот, Дуда ги покани Камински и Вашик во неговата палата на церемонија каде што назначи двајца функционери кои работеле за нив за негови нови советници. Неговата канцеларија објави фотографија на која позира со сите четворица. По церемонијата, Камински и Вашик излегоа надвор и им рекоа на новинарите дека полицијата ги пребарала нивните домови додека биле отсутни. Тие потоа се вратија во претседателската палата, каде што останаа неколку часа.

Спикерот Шимон Холовнија ја одложи планираната седница на Сејмот, Долниот дом на полскиот парламентот, која требаше да започне денеска, за следната недела.

Камински и Вашик, кои беа реизбрани за пратеници во октомври годинава, рекоа дека сакаат да учествуваат на седницата, иако Холовнија и другите инсистираат дека, според законот, нивните затворски казни со судската пресуда им ги одземаат пратеничките мандати.

Холовнија рече дека ситуацијата создала „длабока уставна криза … што не гарантира дека расправата на Сејмот оваа недела ќе биде мирна“.