fbpx

Почна со работа нова поликлиника во Сарај, ќе опслужува 45.000 пациенти

Овде ќе работат 26 доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар

-

Нова поликлиника денеска беше отворена во Сарај, која треба да опслужува околу 45.000 пациенти кои живеат во овој регион. Објектот го отвори министерот Фатмир Меџити, кој кажа дека ова е инвестиција која вреди 79 милиони денари, пари кои се обезбедени од Министерство за здравство.

„Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други. Досега пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров“, рече Меџити.

Во поликлиниката ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита. Ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија.

Покрај превентивните служби, во поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рентген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија.

Овде ќе работат 26 доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој исто така присуствуваше на отворањето на новата поликлиника, рече дека за прв пат жителите на Сарај добиваат примарна здравствена грижа во нивното место за живеење.

„Со новата поликлиника, се олеснува пристапот до здравствените услуги кои што ќе бидат на врвно, квалитетно ниво бидејќи самите медиуми можеа да се уверат дека покрај тоа што се работи за нов објект се работи и за комплетно нова апаратура која ќе биде тука користена во сите оддели како и за кадар здравствен кој ќе работи и поискусен меѓутоа и помлад кој е вработен тука“, изјави премиерот.

Тој се заблагодари на Општина Сарај и на градоначалникот кои успеаја да ги завршат навремено сите потребни инфраструктурни и имотно-правни активности заедно со нивните колеги.

„Да се заблагодарам и на граѓаните на Сарај кои отстапија дел од свој имот практично, за да може да биде комплетирано се ова. Тука е пратеникот. Семејството мислам дека се вика Салиу кое има отстапено дел од свој имот практично да може ова да се комплетира и навистина и тие заслужуваат една голема благодарност и на здравството и на пред се граѓаните кои тука ќе се лекуваат“, рече Ковачевски.

Освен постојните 26 вработени, рече Ковачевски, ќе бидат потребни уште 26 дополнително за да може да работи со поголем интензитет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...