fbpx

Џафери до Собранието го достави предлогот за разрешување на министрите Меџити и Алиу

Џафери доставил и допис до собранискиот претседател, Митрески, Собранието да ги избере Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација

-

Претседателот на Владата, Талат Џафери, доставил допис до претседателот на Собранието, Јован Митрески, во којшто, согласно член 94, став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, предлага Собранието на првата наредна седница, да ги разреши Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација.

Од Владата информираат дека Џафери доставил и допис до собранискиот претседател, Митрески, согласно горенаведениот член од Уставот, Собранието да ги избере: Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Илир Демири и Наим Бајрами / Фото: Алијанса за Албанците

Министерот за здравство Меџити денеска одржа брифинг со новинарите, кој наликуваше на проштален говор од позицијата министер.

Тој потенцираше дека за 11 месеци покажал како треба да работи еден министер за она во што верува и сака да го спроведе во интерес на граѓаните и пациентите. Меџити, рече дека во изминатиот период направени се значајни подобрувања во здравството, набројувајќи дел од неговите достигнувања.

Фото: Министерство за здравство

„По 13 години ја ревидираме позитивната листа на лекови. За многу скоро повеќе од 10 лека ќе се најдат на оваа листа со што пациентите ќе заштедат пари. За првпат е набавен лекот Трикафта што претставува една од најпозитивните приказни во историјата на нашето здравство. Воведовме 6 нови лека за пациентите со ретки болести и го зголемивме буџетот за оваа намена на 878 милиони денари или околу 15 милиони евра. Сега, обезбедуваме лекови за оние кои немаа во текот на изминатите години. Обезбедивме 650 сензори за безболно мерење на шеќер во крвта. Дечињата со дијабетес повеќе нема да мора да се боцкаат, нивниот живот ќе биде поубав и полесен“, истакна Меџити.

Тој рече дека се вложувало во медицинскиот кадар со тоа што два пати се покачени платите на здравствените работници.

Смената на министрите од Алијанса за Албанците се случува откако во отворен судир влегоа лидерот на партијата Арбен Таравари и претседателот на Централното собрание Зијадин Села, а во однос на евентуалното предизборно коалицирање со албанската опозиција.

Меџити и Алиу застанаа на страната на Таравари, додека третиот министер од АА во Владата, министерот за правда Кренар Лога, на страната на Села. За него не беше предложено разрешување.

Лидерот на партијата Таравари за вечерва најави Централно собрание како контра одговор на собранието закажано од Села за в сабота. Таравари на Фејсбук само кусо напиша – „Алијанса за Албанците се приклучи на промената, преостанатиот дел е ДУИ во неволја.“

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...