Љубителите на стрипот се збогуваат со Алфредо Кастели, креаторот на „Марти Мистерија“

За разлика од другите слични стрипови, покрај приказните исполнети и со научно-фантастични елементи, Кастели објавуваше и текстуални објасненија на крај од секој стрип за тоа кои елементи во стрипот се историски или научно  изржани, а кои се  производ на фантазијата или шпекулации

Изданија на „Марти Мистерија“ на хрватски, српски и македонски јазик. Фото: Мета.мк.

Италијанскиот стрип-сценарист и писател Алфредо Кастели, чие најпознато дело е авантуристичкиот стрип „Марти Мистерија“, починал вчера во родниот Милано, на 76-годишна возраст, објави издавачката куќа „Серџо Бонели Едиторе“.

Кастели, роден во 1947 година, со стрипови почнал да се занимава од најрана возраст, а како тинејџер во 1966 година го објавил првиот италијански фанзин за стрипови „Comics Club 104 “. Со професионално создавање почнал на 16 години, прво како автор на хумористичен додаток во популарната едиција „Дијаболик“, за набрзо да пишува за неколку издавачи, меѓу кои и „Мондатори“ за изданието со Дизниеви јунаци „Тополино“ (италијанското име за Мики Маус).

Кастели врвот на кариерата го достигнува преку соработката со „Бонели“, која започнала во 1978 година и опфаќала сценарија за популарните серијали со Загор и Мистер Но. Во 1982 година по негова идеја е создаден стрипот за Марти Мистерија (оригинално Martin Mystère), наречен „детектив на невозможното“.

За разлика од повeќето тогашни стрипови наменети за мали деца, овој стрип е наменет и за повозрасна публика, со покомплицирани стории и богатство нови информации. Во него се испреплетуваат авантури во стилот на Индијана Џоунс со имагинативна реинтерпретација на историјата и современи случувања. Главниот лик е археолог, историчар на уметност и медиумска личност, автор на документарци, придружуван од неандерталецот Јава, социјалната работничка Дијана и низа впечатливи позитивни и негативни ликови.

За разлика од другите слични стрипови, покрај приказните исполнети и со научно-фантастични елементи, Кастели објавуваше и текстуални објасненија на крај од секој стрип за тоа кои елементи во стрипот се историски или научно  изржани, а кои се  производ на фантазијата или шпекулации. Покрај во Италија, стрипот има култен статус во неколку земји од југот на Европа, меѓу кои бивша Југославија и Турција. Објавуван и е во низа други земји, како Франција, Германија, САД и Индија (на тамилски).

По независноста, во нашата земја имаше неколку обиди да се заживее продукција на преводи на македонски јазик, кои успеваа да  објават само по неколку броеви пред да згаснат. Во моментов кај нас се увезуваат српски и хрватски изданија.

Стрипот Марти Мистерија послужил и како инспирација за низа видео-игри и за француско-канадска анимирана серија. Во октомври 2023 беше најавена нова анимирана серија базирана на компјутерска анимација како италијанско-сингапурска копродукција.

По ширењето на веста за смртта на Кастели, љубителите на стрип од целиот свет на социјалните мрежи објавуваат пораки со збогување и презентирање на сцени од омилените стрипови за кои е заслужен.

Последните децении Кастели објавуваше и низа авторски стрипови со нови јунаци. Меѓу обожавателите ќе остане запаметен како „добриот стар чичко Алфредо“, фраза што тој ја користеше за својот најпознат лик, „добриот стар чичко Марти“ (ДСЧМ).