Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја критикуваше Европската унија за одолжување на решавањето на бегалската криза.

– ЕУ се движи со бавен ритам, иако нејзините одлуки се во правилна насока – истакна Ципрас по завршувањето на вонредниот Самит на ЕУ во Брисел, коментирајќи дека Унијата се соочува со егзистенцијален проблем, кој мора да се реши преку солидарност и соработка.

Грчкиот премиер побара ЕУ да овозможи поголема помош за земјите кои се справуваат и им помагаат на бегалците и тоа финансиска помош, отворање нови прифатилишта и центри за бегалците, материјали и техничка помош. Исто така, побара и Турција да преземе дел од одговорноста и од тежината и дел од бегалците да се прелеат од грчките на турските острови.

Ципрас директно посочи дека ЕУ треба да овозможи фискални и финансиски олеснувања за секоја од државите што им помага на бегалците од Сирија.