Фронтот за демократска Македонија (ФРОДЕМ) е мисија која посветено и ревносно ќе дејствува во правец да биде доверлив коректив на севкупните политичко-општествени состојби, изјави за „Мета“ професорот Јове Кекеновски, кој стои зад формирањето на новиот политички субјект, чие официјално појавување на македонската политичка сцена ќе се случи денеска, со почеток во 12 часот, во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
– Ние ќе бидеме среќни дури и ако постојните политички субјекти ги реализираат нашите заложби и укажувања. Но, бидејќи досега сите ние го видовме нивниот демократски капацитет, нивната инертност и бесрамниот манипулативен начин на владеење, повеќе од сигурен сум дека оваа наша визија и мисија ќе им се допадне на граѓаните на нашата држава и тие ќе бидат главен мотиватор за наше појавување на претстојните парламентарни избори во форма што ја дозволува изборниот законик – вели Кекеновски.
Иницијаторите најавуваат дека ФРОДЕМ ќе биде отворен за вклучување на сите добронамерни индивидуи и асоцијации.
Заедно со Кекеновски, како што дознава „Мета“, се повеќемина поранешни пратеници и министри од ВМРО-ДПМНЕ. Со ФРОДЕМ во политичкиот натпревар ќе истрча поранешниот министер за образование, професорот Ненад Новковски, потоа Дејан Ставриќ, актерот Сашо Тасевски, како портпарол на партијата.
Дел од оваа иницијатива е и скопскиот бизнимен, Трифун Костовски.