fbpx

Избегната физичка пресметка во грчкиот парламент

-

Неонацистичката Златна зора предизвика инцидент во грчкиот парламент, почнувајќи груба расправија и серија вербални напади кон Комунистичката партија. Атмосферата во парламентот ескалираше кога пратеникот на ултрадесничарската партија, Јанис Лагос, еден од обвинетите во судскиот процес против Златна зора, ја обвини Комунистичката партија дека ја продала нејзината телевизија „902“ на офшор-компанија.

Обвинението предизвика хаос во собраниската сала, реакции и вербална пресметка меѓу Лагос и пратеници од Комунистичката партија. Лагос се закануваше, додека пак пратениците од Комунистичката партија викаа по него и по другите пратеници на Златна зора: „Убијци“, „Ти што говориш во моментов си убиец“. Расправиите се проширија и меѓу пратеници на СИРИЗА, насекаде летаа вербални пресметки и непристојни гестови, а тензијата ескалираше до степен да мора да се прекине седницата. Беше повикано и собраниското обезбедување за да се обезбеди мир и да се избегне ескалирање на кавгата во физичка пресметка.

Инцидентот го осудија и владата и опозициските партии. Портпаролката на грчката влада, Олга Геровасили, ја осуди Златна зора за обид да го претвори парламентот во боксерска арена.

– Демократијата не може да ја заплашат нејзините непријатели – истакна Геровасили, додавајќи дека политичарите во државата обединети стојат против фашистичките практики и ставови во Грција.

СИРИЗА излезе со соопштение дека должноста на секоја демократска сила е да се бори за целосно општествено и политичко изолирање на неонацистичките формации, додека, пак, од ПАСОК го осудија однесувањето на Златна зора со коментар дека самото присуство на оваа партија во грчкиот парламент е навреда за секој демократски граѓанин и овој инцидент мора да добие соодветен одговор. Пратениците на Река посочија дека не планираат да ѝ дадат легитимитет на партијата и поради тоа избегнуваат секаква дискусија со нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.