fbpx

Тенденциозно и без никакви докази се шират невистини за наводна трговија со луѓе и органи во Украина

Ова е позната руска пропаганда и дезинформација, според која западните земји наводно ја злоупотребуваат војната во Украина и вршат трговија со луѓе и органи, а рускиот претседател е тој што се бори да го запре ова

-

Изнесените тврдења за наводна трговија со луѓе и органи во Украина не се поткрепени со никакви докази и истите се базираат на произволни тврдења на Јутјуберот Морис, кој и претходно изнесувал дезинформации во своето шоу.  Ова е позната руска пропаганда и дезинформација, според која западните земји наводно ја злоупотребуваат војната во Украина и вршат трговија со луѓе и органи, а рускиот претседател е тој што се бори да го запре ова. Но, за ваквите тврдења никогаш не се понудени докази.  Според најновиот Извештај на Стејт департментот за трговија со луѓе, Русија има посериозен проблем со трговијата со луѓе отколку Украина. Во Извештајот се вели дека двете земји се борат со ова прашање, но Украина презеде акција за да го реши, додека Русија не успеа да направи „значителни напори“ да го елиминира проблемот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека профитот од трговијата со луѓе и органи во Украина надминува 200 милијарди долари.

Профитот од трговијата со луѓе и органи во Украина надминува 200 милијарди долари – американскиот новинар Клејтон Морис.
Кога станува збор за овие неверојатни настани – а ние ги имаме информациите, американскиот Стејт департмент ги има информациите, Обединетите нации ги имаат информациите – луѓето ги забиваат главите во песок, рече Клејтон Морис, стои во објавата што ја анализираме.

Објавата споделува и видео кое е епизода од шоуто на Јутјуб „Ридактед,“ кое го води Клејтон Морис и кое претходно тргуваше со дезинформации, вклучително и за ковид-19, но и за наводни нови пандемии. Морис е поранешен домаќин на „Fox & Friends“ и инвеститор во недвижнини, кој се преселил во Португалија по наводите за измама од поранешни клиенти.

Во видеото, Морис изнесува низа тврдења за наводна трговија со луѓе и органи во Украина, но за ваквите тврдења не нуди никакви докази и факти, туку ги изнесува произволно. Како што се посочува во објавата, тој вели дека ги има информациите и дека и САД и ОН ги имале истите информации, но не ги откривале.

Не е првпат поддржувачи на Русија да споделуваат непроверени информации за наводна трговија со луѓе, деца и органи во Украина. Ова е позната руска пропаганда и дезинформација, според која западните земји наводно ја злоупотребуваат војната во Украина и вршат трговија со луѓе и органи, а рускиот претседател е тој што се бори да го запре ова. Но, за ваквите тврдења никогаш не се понудени докази.

Вистиномер има пишувано за овие теории на заговор кои се користат со цел да се величи ликот и делото на рускиот претседател Владимир Путин, без притоа да им се погледне в очи на фактите.

Судот во Хаг во март оваа година издаде налог за апсење на Путин поради воени злосторства извршени во Украина. Во соопштението на Меѓународниот кривичен суд се вели дека постојат разумни основи да се верува дека и Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лавова-Белова, се одговорни за: воено злосторство, илегална депортација на населението и нелегално преселување на население од окупираните територии на Украина, на штета на украинските деца.

Лавова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата, е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.

Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување украински деца во руски семејства, таканаречено „патриотско воспитување“ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца, објави американското Министерство за финансии во септемврипренесе Си-Ен-Ен.

Според соопштението на Советот на Европа, објавено на 6 март 2023 година „многу украински деца погодени од војната биле однесени или завршиле во Руската Федерација или на териториите на Украина окупирани од Русија. Посебните околности на таквите случаи значително се разликуваат“. Советот на Европа идентификуваше неколку категории деца подложени на такви практики.

Една категорија се сирачиња и деца во институции кои живееле во регионите на Украина окупирани од Русија и кои биле однесени во Русија пред агресијата во 2022 година, од 2014 година, и оние деца однесени во Русија од установи за нега лоцирани во регионите на Украина кои дојдоа под окупација или привремена контрола на руските сили по 24 февруари 2022 година, пренесе Форбс.

Што се однесува до трговијата со луѓе, според најновиот Извештај на Стејт департментот за трговија со луѓе, Русија има посериозен проблем со трговијата со луѓе отколку Украина. Двете земји се борат со ова прашање, се вели во Извештајот, но Украина презеде акција за да го реши, додека Русија не успеа да направи „значителни напори“ да го елиминира проблемот.

Владата на Украина не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значителни напори да го стори тоа. Владата покажа севкупни зголемени напори во споредба со претходниот период на известување; затоа Украина остана на ниво 2. Овие напори вклучуваа значително зголемување на соработката со европските колеги за истраги против трговијата со луѓе и покрај намалените ресурси и капацитети поради целосната војна на Русија против Украина. Втора последователна година, владата одвои повеќе пари во својот национален буџет за мерки против трговијата со луѓе. Конечно, владата ги зголеми напорите за подигање на свеста, особено кај раселените Украинци, и изврши проверка за потенцијални жртви на трговија со луѓе меѓу ранливите популации, стои во Извештајот на Стејт департментот за Украина.

Во документот исто така е наведено:

Руските сили насилно префрлија стотици илјади Украинци, вклучувајќи илјадници деца и најмалку 2.000 сирачиња, во Руската Федерација и окупираните територии преку нивните програми за филтрирање и депортација на деца, вклучително и многу во оддалечените области. Во март 2022 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на руски службеници, наводно одговорни за незаконско префрлање на украински деца во Русија. Овие деца се многу ранливи на трговија со луѓе. 

Во врска со овој проблем во Русија, Стејт департментот нотира дека руската влада не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе и не прави значителни напори да го стори тоа – дури и со оглед на влијанието на пандемијата ковид-19, ако го има, врз нејзиниот капацитет за борба против трговијата со луѓе, затоа Русија остана на ниво 3. И покрај недостатокот на значителни напори, владата го олесни враќањето на руските деца од Сирија, од кои некои можеби биле жртви на трговија со луѓе. Меѓутоа, во текот на извештајниот период постоеше владина политика или шема на трговија со украински граѓани и севернокорејски работници.

Дополнително, владата се вклучи во однесување кое создаде популации кои се многу ранливи на трговија со луѓе. Владиното присилно префрлање на илјадници украински деца во Русија, вклучително и насилното одвојување на некои деца од родителите, во голема мера ја зголеми ранливоста на разделените деца на трговијата со луѓе. Покрај тоа, војната на владата против Украина создаде милиони бегалци кои бегаат од Украина, како и внатрешно раселени од руската агресија, од кои сите беа многу ранливи на трговија со луѓе.

Официјалното соучесништво во трговија со луѓе и други злосторства остана значајна загриженост. Невладините организации известија дека владините службеници и полицијата редовно примале мито во замена за да не ги следат случаите на трговија со луѓе, а службениците често имале финансиска или материјална корист од злосторствата за трговија со луѓе. Владата не пријави никакви истраги, гонења или пресуди на владини службеници соучесници во злосторствата за трговија со луѓе, се наведува меѓу другото во извештајот на Стејт департментот за Русија.

Извештајот, исто така, ги рангира земјите врз основа на обемот на владините напори за исполнување на минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Ниво 1, рангирањето на Соединетите држави, е највисоко, но тоа не значи дека земјата нема проблеми со трговијата со луѓе, туку дека земјата целосно ги исполнува минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе. Ниво 2 – ниво на Украина – значи дека владата на една земја не ги исполнува целосно минималните стандарди, но прави значителни напори за да се усогласи. Ниво 3 вклучува земји како Авганистан и Русија кои не ги исполнуваат минималните стандарди и не се обидуваат да ги исполнуваат.

Од сето ова можеме да заклучиме дека изнесените тврдења во објавата што ја анaлизираме, за наводна трговија со луѓе и органи во Украина, не се поткрепени со никакви докази и се базираат на произволни тврдења на Јутјуберот Морис, кој и претходно изнесувал дезинформации во своето шоу. Не е првпат поддржувачи на Русија да споделуваат непроверени информации за наводна трговија со луѓе, деца и органи во Украина. Ова е позната руска пропаганда и дезинформација според која, западните земји наводно ја злоупотребуваат војната во Украина и вршат трговија со луѓе и органи, а рускиот претседател е тој што се бори да го запре ова. Но, никогаш не се понудени докази за ваквите тврдења. Што се однесува до трговијата со луѓе, според најновиот Извештај на Стејт департментот за трговија со луѓе, Русија има посериозен проблем со трговијата со луѓе отколку Украина. Двете земји се борат со ова прашање, се вели во Извештајот, но Украина презеде акција за да го реши, додека Русија не успеа да направи „значителни напори“ да го елиминира проблемот.

Имајќи го предвид сето ова, оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...