fbpx

Демократските институции во долга консолидација

-

Во следните неколку статии, ќе дадеме преглед на наодите од Извештајот на скринингот за секоја област односно поглавје содржани во Кластерот Темели.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Демократските институции се за прв пат дел од преговорите. На почетокот на самиот извештај се наведува дека не постои единствен модел, ниту дефиниција на демократијата, туку заеднички принципи. Делот во кој се презентира acquis е прилично општ – не само за оваа област, туку и за другите области и поглавја од кластерот. Според презентациите од објасувачкиот скрининг, покрај неколку члена од основачките договори, правилата кои се однесуваат на партиите и изборите на европско ниво и „мекото право“ на ЕУ, овде главни извори се европските стандарди. Тие, пак, се развиени под капата на другите европски, па и меѓународни организации – ОБСЕ, Советот на Европа/Венецијанската комисија, ООН. Елементите односно критериумите кои се дел од извештајот за скринингот се препознаваат во повеќе документи на ЕУ, каков што е Акцискиот план за демократија на ЕУ и Извештајот за владеење на правото.

Во овој преглед ставаме акцент на наодите на Комисијата и нејзините препораки. Во текстот е даден подетален преглед на наодите и препораките, додека во табелата е прикажано резимето на наодите, како што е дадено во Извештајот.

Во однос на општата рамка на демократијата, се разгледуваат вредностите кои ги гарантира Уставот, поделбата на власта и системот на рамнотежа на властите. Оценката за овој клучен сегмент е прилично општа, но и флуидна, „дека државата продолжува со консолидација на демократските институции“, особено кога се има предвид дека за членство се потребни консолидирани демократски институции. Идентична е оценката за Албанија во овој однос.

За изборниот процес, иако се констатира дека правната и институционалната рамка во голема мерка се воспоставени, како и дека последните рунди на изборите биле генерално слободни и фер, се даваат повеќе конкретни препораки, вклучувајќи и преземање сеопфатен преглед на законодавството со широка консултација. Тие не се изненадување, бидејќи веќе ги има во годишните извештаи.

Од препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, посебно се издвојуваат: обезбедувањето неопходни ресурси на Државната изборна комисија, систематски проверки и ажурирање за точноста на гласачките списоци, како и да се спречат притисоци врз гласачите, врз вработените во јавниот и приватниот сектор и “купување гласови“. И покрај тоа што го повторува заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР дека околината за медиумите во изборната кампања е главно поволна, Извештајот дава конкретни препораки да се продолжи со активностите за саморегулација на медиумите, поголема транспарентност на политичкото рекламирање (вклучувајќи ги овде и независноста, професионалноста и финансиската одржливост на јавниот радиодифузен сервис), како и да се преземат мерки за  дезинформациите за време на изборните кампањи. Овде нема конкретна препорака во однос на он-лајн медиумите – само се констатираат различни мислења за потребата (или не) од нивно регулирање.

Се чини дека најголема неусогласеност е констатирана во однос на Финансирањето на политичките партии и изборната кампања (вклучувајќи анти-корупциски мерки), па се утврдува потребата од низа мерки и на законодавен план, и во спроведувањето. На законодавен план во однос на финансирање на кампањите тоа се потребата од регулирање на сумите на банковни заеми и можноста за донирање по изборите, како и финансирање од трети страни; проблемот на лимити за донации и трошење (сегашната состојба овозможува и еден донатор да финансира цела кампања во помали општини); целосно објавување на сите видови приходи и трошоци; подетални завршни извештаи и нивно електронско поднесување. За поефективен надзор на финансирањето на изборните кампањи се бара зајакнување на капацитетите на надлежните тела, како и почитување на препораките на ДКСК и на ГРЕКО.

Извештајот констатира дека со текот на времето Парламентот ги консолидирал неговите функции, ценејќи дека линиите на одговорност и транспарентноста се воспоставени. Меѓутоа, се повторува препораката од годишните извештаи за подобро планирање на законодавниот процес и ограничување на скратените постапки, особено користењето на „знамето на ЕУ“ за да се избегне јавна консултација и да се надминат процедуралните препреки во Собранието. Повторени се и критиките од последниот годишен извештај за поларизација меѓу позицијата и опозицијата и препораката за нивна заедничка конструктивна работа „со фокус на конкретните чекори во преговарачкот процес“. Се потенцира обврска на опозицијата, која го води Советот за евроинтеграции за обезбедување широк консензус за агендата за ЕУ.

Извештајот констатира дека законската рамка за интегритет е воспоставена, дека е потребен фокус на спроведувањето, имајќи ги предвид препораките на ГРЕКО. Во поглед на ефикасноста, се преупредува да не се доцни повеќе со спроведување на внатрешните реформи договорени во процесот „Жан Моне“ и да се измени Деловникот на Собранието до крајот на овој негов мандат. Потребните измени се конкретно  посочени: процедурите за конститутивна седница, поголем надзор над владата, консолидација на практиките на јавните рапсрави, усвојување парламентарен календар и постапката за закони со „знаменце на ЕУ“. Извештајот не пропушта да опомене дека Собранието веднаш треба да именува судии на Уставниот суд, заменици народни правобранители, членови на совети на медиуми, Советот на јавни обвинители и Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата.

Значајна улога во се дава на Улогата на граѓанското општество (ГО). Наодот е дека правната рамка главно ги почитува стандардите за слободата на здружување, но потребно е да се спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). ЕК ги констатира последните измени на Законот за здруженија и фондации, без да даде оценка за нив. Меѓутоа, по повод најавата на македонските претставници на билатералниот скрининг за донесување нов закон за здруженија и фондации во 2023 година, сугерира суштествена соработка со ГО и други засегнати страни, но и консултација на Венецијанската комисија, за да се почитуваат највисоките меѓународни стандарди.

Покрај тоа, во резимето на наодите укажува дека процесот на регистрација на здруженијата треба да биде усогласен со пресудите на ЕСЧП. Оценката за правната заштита од SLAPP/s (стратешки тужби за спречување јавно учество)  е главно поволна, со препорака да се обезбеди механизам за заштита на жртвите од овие тужби. Иако оценката е дека законската, регулаторната и институционалната рамка се генерално воспоставени, костатирана е потребата од низа унапредувања: финансиската поддршка на ОГО, конзистентно спроведување на законите, конзистетно спроведување на Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество, унапредување на работата на Советот за граѓанско општество. Дури во следниот дел „Поширок контекст за овозоможувачка околина“ Комисијата констатира дека претставниците на ОГО го бојкотираат овој Совет, поради ускратувањето на јавното финансирање за граѓанскиот сектор. Предмет на критика е и фактот што сѐ помалку нацрти на закони се консултираат преку ЕНЕР.

    Резиме на наодите

Извештај од скринингот, Кластер 1, Област: Демократски институции

Област/подрачје Резиме на наодите
I Општа рамка за демократијата Во уставниот поредок поставени темелите за демократска држава; продолжува со консолидацијата на демократските институции
II Изборниот процес Правната и институционалната рамка воспоставена во голема мера
II.A Слободни и фер избори Да се реализираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија
II.Б Медиумите во изборната кампања Главно поволна околина
II.В Финансирањето на политичките партии и изборната кампања (вклучувајќи анти-корупциски мерки) –      Да се надминат празнините во правната рамка

–      Јакнење на имплементациските капацитети на телата надлежни за надзор

III. Функционирањето на парламентите во демократски систем Парламентот со текот на времето ги консолидира неговите демократски функции.
III.A Транспарентност и одговорност Да се воспостави поефикасен процес на планирање на законодавната дејност, за да се ограничи користењето на скратената постапка
III.Б Интегритет
III.В Ефективност
IV.Улогата на граѓанското општество
IV.A Општа рамка за граѓанското општество –      Законската, регулаторна и институционална рамка е главно воспоставена

–      Потребно е усогласување на процесот на регистрација на здруженијата со пресудите на ЕЧХР.

IV.Б Национална законска, регулаторна и рамка на политиките за организациите на граѓанското општество (ОГО) Потребни повеќе унапредување, вклучувајќи и за финансиска поддршка на ОГО.
IV.В Поширокиот контекст за овозможувачка околина Генерално поволна, но потребно подобрување на транспарентноста во процесот на креирање на политики и на вклученоста во процесот на консултации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...