fbpx

Судски совет: Не сме го криеле предметот за Рамиз Мерко

Од Судскиот совет ја повикуваат Антикорупциската комисија да достави доказ дека претставката за струшкиот градоначалник е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување

-

Судскиот совет ги оценува како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Инаку, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, на прес конференција рече дека против струшкиот градоначалник е отворен предмет уште во мај 2019, но немало никаква реакција од Обвинителството. До Судскиот совет тогаш било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки, иако немало промена на општинската сметка, односно таа и натаму била блокирана. Во 2021 година била доставена ургенција, а од Судскиот совет биле известени дека во електронската архива не бил пронајден таков предмет.

„Ние го имаме доказот. Имаме потврда дека претставката за предметот е примена во Судскиот совет. Во 2016 и 2017 предметот не бил застарен кога сме пријавиле, а потоа предметот исчезнува и застарува“ рече претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска.

Од Судскиот совет денеска преку соопштение повторија дека за прв пат ургенција од ДКСК до тогашната претседател Павлина Црвенковска е доставена во јуни 2021 година, во која Судскиот совет се информира дека е оформен предмет по нивна иницијатива врз основа на наводи изнесени во медиумите за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба при набавка на четири автомобили за потребите на општината за 114.000 евра.

„Во прилог на оваа ургенција е доставена и претставка од ДКСК од 18.11.2019 година, која е насловена до тогашниот Претседател на Судскиот совет, Киро Здравев. Во таа прилика, Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека „претставката е загубена“, стои во соопштението на Судскиот совет.

Од Судскиот совет ја повикуваат Антикорупциската комисија да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување.

„Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури 2 години да реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата. Судскиот совет категорично одбива да биде неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија“, велат од Судскиот совет.

Оттаму додаваат дека уште истиот ден кога била објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на „црната листа на САД“, Судскиот совет одлучил да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот и американскиот амбасадор во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот.

Во текот на утрешниот ден, како што велат од советот, тричлена комисија предводена од координаторот за струшкиот суд, м-р Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд и ќе разговара со судиите од овој суд за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде презентиран пред членовите на Судскиот совет и пред јавноста.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД поради негова вмешаност во корупција. ДУИ го замрзна неговото членство во партијата, а денеска тој се огласи на неговиот профил на Фејсбук, со тврдење дека ќе биде „отворен како и секогаш во корист на правдата и транспарентен со судските органи и сите други институции“.

Рамиз Мерко се обрати до јавноста, вели дека ќе соработува со правосудните органи

Инаку, четиричлена комисија од обвинители од Јавното обвинителство денеска врши надзор на постапувањето во предметите во обвинителствата во Струга и во Битола. По целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го оцени како добро тоа што обвинителството формирало комисија која веќе ги испитува наводите поради кои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на американската „црна листа“.

„Мене ме прашувавте многу пати за струшкиот градоначалник, гледав утрово дека тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн., и каде што кажува дека Општината е отворена за сите истражни органи коишто треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на ’црната листа’. Тоа што тој го избеседи утрово јас го кажав и првиот ден, дека Општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки. Добро е што Јавното обвинителство веќе формирало комисија која тоа треба да го испита и на таков институционален начин треба да функционира државата“, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...