fbpx

Рамиз Мерко на црната листа на САД, во јавноста бројни реакции за потегот

На црната листа на САД истовремено се ставени и сопругата на Мерко и неговите три полнолетни синови

-

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД поради негова вмешаност во значителна корупција, а откако Стејт департментот му забрани влез во САД на Мерко, со реакција се јави и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер. Агелер потенцира дека САД ќе продолжи да се бори против секој оној кој го поткопува владеењето на правото и е закана за напредокот и стабилноста на Северна Македонија.

Агелер потенцира дека граѓаните заслужуваат функционери со интегритет, предупредувајќи дека Мерко е првиот функционер на црната листа што е ставен годинава, но и дека можно е да има во иднина и други, бидејќи корупцијата си повлекува последици.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека градоначалникот на општина Струга злоупотребил средства и се мешал во судски и други јавни постапки, со што ја нарушил довербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.

На црната листа на САД истовремено се ставени и сопругата на Мерко и неговите три полнолетни синови.

По ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД, бројни реакции пристигнаа од македонските политички партии.

Лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари синоќа побара оставка на Мерко од функцијата струшки градоначалник.

„Јас да бев на местото на Рамиз Мерко, вечерва веднаш би дал оставка и ќе оставам друго лице да раководи со општината. Мора да се расчисти со ова. Од друга страна правосудните органи не реагираат и причина за тоа е што власта има инсталирано свои луѓе во правосудните органи. ДУИ 20 години владее со тие институции со свои луѓе. Ние како политичка партија секогаш сме гласни кога станува збор за корупцијата“, изјави Таравари во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ утрово реагираат дека ставањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД е шамар за владата на СДСМ и ДУИ.

Човек кој што ја води Струга и е висок партиски функционер во ДУИ  е прогласен за персона нон грата на САД. Цела фамилија на Мерко е на црната листа на САД.

„Стејт Департментот јасно потврди дека високите претставници кои се дел од владата на СДС и ДУИ се криминалци. САД нотира дека владините функционери се мешаат во судската власт и диктираат пресуди“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, од каде бараат институциите да не молчат, туку веднаш да реагираат.

Од партијата ДУИ, чиј функционер е Рамиз Мерко, засега нема официјална реакција по ставањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.