fbpx

Ивановска: Судскиот совет го загубил предметот за Рамиз Мерко

„Ние имаме доказ дека претставката во Судски совет е примена. Што се однесува до наводите за претседателот на судот, предметот е застарен, ни рече Судски совет, бидејќи решенијата се од 2016 година и 2017 година. Значи ние кога сме доставиле, тој не бил застарен. Потоа предметот исчезнува, иако имаме доставница дека сме го доставиле. Кога треба да одговорат, тие ни викаат дека застарел“, рече Ивановска

-

Против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој од средата се најде на „црната листа“ на САД, е отворен предмет уште во мај 2019 година, но немало никаква реакција од Обвинителството, потсети Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната прес-конференција.

„Ние сакаме да потсетиме дека ДКСК по сопствена иницијатива, а врз основа на наоди во медиумите, отвори предмет за Рамиз Мерко во мај 2019 година. ДКСК констатираше дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил службената положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување, презел дејствија спротивно на начелата за законитост и интегритет, на јавниот интерес и интересот на општината. Со ова нанел штета на буџетот на општината и државата и прибавил противзаконска корист за себе и друг. Врз основа на наодите кои беа поткрепени и со извештајот од Заводот за ревизија, ДКСК до Јавното обвинителство, на 18 ноември 2019 година поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на Рамиз Мерко. Беа содржани и бројни наоди“, рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.

Таа објасни кога и кои се последните информации што ги добиле во врска со нивната пријава.

„Од Јавното обвинителство, на 4 декември 2019 година нѐ известија дека иницијативата е доставена во надлежност на обвинителството во Струга за натамошно постапување. На 4 декември 2021 година испрати ургенција во Обвинителството во Струга со цел да добие одговор дали е постапено по иницијативата. Оттаму нè известија дека иницијативата е во ОЈО-ГОКК бидејќи Рамиз Мерко се товари за нанесена штета при вршење на јавни набавки. ОЈО-ГОКК издал наредба до МВР за натамошно постапување. На 4 август 2021 година од МВР добивме барање за доставување документи. Ги доставивме документите. Оттука натаму не знаеме што се случува со предметот“, рече Ивановска.

Таа додаде дека ова не е едниствен случај за кој ДКСК поднела пријава со сомнежи за влијание на струшкиот градоначалник Мерко врз правосудните органи и рече дека ДКСК поднела претставка и до Судскиот совет против претседателот на судот во Струга. Но, не знае зошто оттаму добиле одговор дека таква претставка нема кога таа покажа докази кои, како што рече, потврдуваат дека истата е примена во советот.

Ивановска истакна и дека општина Струга работи со блокирана сметка уште од 2010 година, а минимум средства со кои може да работи општината определува токму судот.

„За да може да се изврши набавката на возилата меѓу кои беше и луксузното „ауди“, тој минимум требало да биде зголемен. Со години се барало зголемување на тој минимум, но дури во 2017 година бил зголемен. Тоа е периодот кога Мерко станал градоначалник. Тоа беше сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на општината, бидејќи за две решенија со иста фактичка состојба и две образложени причини, донесени се различни одлуки“, рече Ивановска и додаде дека ДКСК во 2021 година поднеле и ургенција за да се информираат до каде е постапувањето по пријавата, но добиле известување дека во електронската архива на Судскиот совет, таков предмет не е пронајден.

„Ние имаме доказ дека претставката во Судски совет е примена. Што се однесува до наводите за претседателот на судот, предметот е застарен, ни рече Судски совет, бидејќи решенијата се од 2016 година и 2017 година. Значи ние кога сме доставиле, тој не бил застарен. Потоа предметот исчезнува, иако имаме доставница дека сме го доставиле. Кога треба да одговорат, тие ни викаат дека застарел“, рече Ивановска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.