Инстаграм и Фејсбук ќе го ограничат пристапот до вести за Канаѓаните

Предлог-законот предвидува големите платформи како Фејсбук да ги компензираат издавачите на вести – медиумите за содржините што тие ги објавуваат на социјалните мрежи

фото: camilo jimenez на Unsplash

Компанијата „Мета“ соопшти дека ќе почне со ограничување на вестите за канадските корисници на платформите Фејсбук и Инстаграм, откако парламентот во Канада го усвои контроверзниот закон за онлајн вести.

Предлог-законот предвидува големите платформи како Фејсбук да ги компензираат издавачите на вести – медиумите, за содржините што ги објавуваат на социјалните мрежи.

„Мета“ и „Гугл“ веќе тестираа ограничување на пристапот до вести за некои Канаѓани, пишува Би-би-си.

Сличен закон во Австралија во 2021 година го натера Фејсбук да ги блокира вестите на својата платформа за австралиските граѓани. Пристапот до вести беше вратен откако разговорите меѓу компанијата и властите во земјата резултираа со амандмани на законот.

„Мета“ го нарече канадскиот закон „фундаментално погрешно законодавство што ја игнорира реалноста за тоа како функционираат нашите платформи“. Од таму тврдат дека линковите и вестите не се причина зошто огромно мнозинство луѓе ги користат социјалните мрежи.

Од компанијата вчера рекоа дека пристапот до вести на Фејсбук и Инстаграм ќе биде оневозможен за сите корисници во Канада пред законот да стапи на сила за шест месеци, но тврдат дека оваа промена нема да влијае врз останатите услуги и искуства на корисниците.

Слична реакција има и од „Гугл“, од каде велат дека предлог-законот е неизведлив според тоа како е дефиниран сега.

Канадските власти, пак, тврдат дека законот за онлајн вести бил неопходен за да се зајакне правичноста на канадскиот пазар на дигитални вести и да им се дозволи на новинарските организации кои се борат да обезбедат правична компензација за вестите и линковите споделени на социјалните мрежи.

Анализата на нацрт-законот покажала дека медиумските организации би можеле да добијат околу 329 милиони канадски долари годишно од социјалните мрежи.