fbpx

Епископот Стобиски да се извини за вознемирување врз основа на сексуална ориентација или следува прекршочна постапка

Преку своите јавни настапи изминатиов период Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето, констатирала КСЗД

-

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавното информирање и медиуми, соопштија од Коалицијата Маргини.

Мислењето на КСЗД следува по поднесените претставки од страна на Маргини и на КВИР Центарот.

Епископот Јаков Стобиски сега треба јавно да се извини, а во спротивно Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Членовите на комисијата констатирале дека преку своите јавни настапи изминатиов период, меѓу кои гостувањето на емисијата „Детектор“ на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето.

„Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството“, се вели во мислењето на КСЗД.

Од КСЗД истакнуваат дека иако Стобиски има право јавно да ги искажува своите ставови и мислења, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група на луѓе или јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање.

Во образложението на мислењето стои дека предвид е земен „фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови“.

Во претставката поднесена од Коалицијата Маргини, пак, се вели дека Јаков Стобиски изминатиот период бил гласноговорник на анти-родовото движење.

„Во оваа претставка не ја оспоруваме критиката кон нас, Законот за родова еднаквост, Законот за матична евиденција туку говорот на омраза или вознемирувањето кое го употребува во своите настапи. Во своите настапи тој зборува за трансродовите луѓе и за нас како застапници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето како за штетни за општеството, семејството и децата, како болни, сатанисти, посланици на ѓаволот и сл. Со ваквиот говор тој врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет, нѐ дехуманира нас како здружение, Ирена Цветковиќ и трансродовите луѓе“, стои во претставката на Коалиција Маргини.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација увидела и дека преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилијата и сатанизмот, Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство  и создал непријателска и застрашувачка средина. Претставувајќи ја и зборувајќи за трансродовоста како за „епидемија на трансџендеризам“, „настраност“ и „пореметување“, тој тенденциозно, но и погрешно ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно.

„Дополнително, Јаков Стобиски имал одговорност, при изнесувањето на факти и податоци поврзани со Меѓународната класификација на болести и сродни здравствени проблеми, да ја провери нивната точност. Имено, согласно МКБ-11, последната верзија на Меѓународната класификација усвоена од сите земји членки на Светската здравствена организација, меѓу кои и Р.С.Македонија, од 2019 година родовата неусогласеност повеќе не припаѓа во поглавјето на ментални болести, туку во новото поглавје за сексуално здравје. Оваа промена има за цел да ја намали стигмата околу трансродовите лица и да го разбие стереотипот за трансродовоста како ментално нарушување, како и да обезбеди пристап до соодветни здравствени услуги за тие лица. Оттука, преку лажните тврдења кои ги изнел во врска со здравјето на трансродовите лица, велејќи дека родовата дисфорија претставува ментално растројство, Јаков Стобиски свесно придонел кон дополнителна стигматизација и дехуманизација на тие лица“, се вели во образложението на КСЗД.

Епископот Стобиски има рок од 30 дена да се извини јавно за говорот при неговите јавни настапи со кои го извршил вознемирувањето врз основа на сексуална ориентација, а во спротивно КСЗД ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка против него. Во мислењето на Комисијата се препорачува Стобиски во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...