Презентирана програмата на годинешното издание на „Струшките вечери на поезијата“

Мотото на фестивалот годинава е „Чувствотворен јазик“

Струшки вечери на поезијата. Фото: Фестивал СВП

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) годинава ќе се одржи од 24 до 28 август во своето автентично издание на препознатливите локации, соопштија организаторите.

Свеченото отворање повторно ќе се одржи на вообичаената локација – платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, додека затворањето ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

Мотото на годинешните Струшки вечери на поезијата е „Чувствотворен јазик“.

„Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и ЧУДОТВОРЕН ЈАЗИК. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки“, велат од организацијата на фестивалот.

Во Програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена Тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“.

Оваа година лауреат е истакнатиот македонски поен Влада Урошевиќ, а поетскиот портрет на лауреатот е на 26 август во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид,

На главните поетски читања ќе учествуваат повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Дел од фестивалот годинава ќе бидат и содржини во рамки на Програмата на јубилејот на одржување на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Во рамки на Програмата, предвидени се портрети  на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ – годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада – како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до вчера.

Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија.

Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“, додека вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.