Студентите погодени од корона кризата, бараат мерки за финансиска поддршка

Фото: Арбнора Мемети

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ бара формирање на консултативно тело за преземање на економски мерки за финансиска поддршка на студентите кои се погодени од актуелната епидемија со корона вирусот во земјава. Тие сметаат дека состојбата е сериозна и предлагаат првиот состанок да се одржи што е можно побрзо, веќе следната недела во периодот од 21 до 24 април.

„Студентите како ранлива категорија најчесто се финансиираат од приходите на своето семејство, а овие приходи се значајно намалени од почетокот на кризата. Дополнително, студентите кои своето студирање го финансираат самостојно, исто така, се сериозно погодени од оваа криза, имајќи го предвид фактот дека голем дел од нив работат хонорарно и привремено, па не се опфатени со досегашните економски мерки“, се наведува во соопштението на Универзитетското студентско собрание.

Тие посочуваат дека корона кризата довела до голема финансиска несигурност кај студентите и нивните семејства, загрозувајќи го продолжувањето на образовниот процес на студентите кои се погодени од кризата.

Целта на идната консултативна група би била да предложи краткорочни и долгорочни мерки за финансиска поддршка за студентите и нивните семејства кои се погодени од моменталната криза. Во ова консултативно тело би земале учество универзитетските студентски собранија на сите универзитети во државата, младинските организаци, Агенцијата за млади и спорт, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии, Владата и партиските подмладоци.

„Семејствата во кои има студенти имаат поголеми месечни трошоци од останатите, па затоа сметаме дека потребни се дополнителни мерки кои би ја олесниле финансиската ситуација во која се наоѓаат и би овозможиле непречено фокусирање на образованието“, се потенцира во нивното соопштение.