Во светот не се шири мистериозна болест посмртоносна од коронавирусот

Не постои никаква смртоносна и опасна болест која се шири во светот и која е посмртоносна од коронавирусот. „Болест Х“ е хипотетичка болест која би можела да се појави во иднина и за која здравствените експерти сметаат дека треба да се дискутира, со цел човештвото да биде подготвено за евентуални мерки на претпазливост

Photo by Polina Tankilevitch: https://www.pexels.com/photo/person-holding-blister-pack-3873191/

Тврдењето во објавата, како и насловот на написот што го споделува, е во целосна спротивност со она што е прикажано во текстот. Не постои никаква смртоносна и опасна болест која се шири во светот и која е посмртоносна од коронавирусот. „Болест Х“ е хипотетичка болест која би можела да се појави во иднина и за која здравствените експерти сметаат дека треба да се дискутира, со цел човештвото да биде подготвено за евентуални мерки на претпазливост, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на Фејсбук тврди дека мистериозна болест се шири низ светот за која експертите предупредуваат дека е посмртоносна од коронавирусот. Ова не е точно.

МИСТЕРИОЗНА БОЛЕСТ СЕ ШИРИ НИЗ СВЕТОТ ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА Е ПОСМРТОНОСНА ОД КОРОНАВИРУСОТ, пишува во објавата.

Во неа се споделува и напис со идентичен наслов. Насловот, како и тврдењето изнесено во објавата, не кореспондира со фактите, дури ни оние кои се претставени во самиот напис, и може да се толкува како намерно ширење на паника.

Написот уште во првиот пасус признава дека се работи за „хипотетичка болест Х, која моментално сè уште не постои“ и дека Светската здравствена организација (СЗО) разгледува потенцијални сценарија.

Непознатата „болест Х“ може да предизвика 20 пати повеќе смртни случаи од пандемијата на коронавирус, велат истражувачите.

Годишниот состанок на Светскиот економски форум што ќе се одржи во Давос ќе има и тема „подготовка за болеста Х“.

„Болеста Х“ според Светската здравствена организација претставува сознание дека сериозна меѓународна епидемија би можела да биде предизвикана од патоген за кој во моментов не е докажано дека предизвикува болест кај луѓето. Непознатото може да предизвика 20 пати повеќе смртни случаи отколку пандемијата на коронавирус, се наведува на почетокот од написот. 

Под него веднаш следува и објаснување на терминот „болест Х“:

Овој термин СЗО го користи за да резервира место на листата на болест непозната за медицинската наука која ќе предизвика инфекции кај луѓето. Причината за болеста е засега непозната, но може да биде вирус, бактерија, габа или нешто друго.

Ова е спротивно на тврдењето во објавата дека „мистериозна болест веќе се шири низ светот“.

Што е „болест Х

„Болест Х“ е име што Светската здравствена организација (СЗО) му го даде на непознат иден патоген со потенцијал да започне тешка глобална епидемија.

Терминот беше дискутиран од експертска комисија на состанокот на Светскиот економски форум во 2024 година во Давос.

Има работи кои се непознати, што може да се случат и сè што се случува е прашање на кога, а не на ако. Значи, треба да имаме место за тоа, за болестите за кои не знаеме дека може да се појават, а тоа беше кога го дадовме името „Болест Х“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), за време на експертската комисија во Давос минатата недела, објаснувајќи дека концептот првпат бил дискутиран во 2017 година и неодамна привлече „внимание“ на интернет, пренесува Еуроњуз.

Уште во 2017 година, СЗО додаде „болест Х“ на кратката листа на патогени кои се сметаат за врвен приоритет за истражување, а последната вежба за одредување приоритети беше направена во 2018 година. Тековната листа ги вклучува ковид-19, кримско-конго хеморагична треска, вирусна болест ебола и марбург вирусна болест, ласа треска, Блискоисточен респираторен синдром (МЕРС) и тежок акутен респираторен синдром (САРС), Нипа и хенипавирусни заболувања, треска од долината Рифт, Зика и болест Х.

Таргетирањето на приоритетните патогени и вирусни семејства за истражување и развој на контрамерки е од суштинско значење за брз и ефективен одговор на епидемијата и пандемијата. Без значајни инвестиции во истражување и развој пред пандемијата ковид-19, немаше да биде возможно да се развијат безбедни и ефективни вакцини во рекордно време, изјавил д-р Мајкл Рајан, извршен директор на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО.

Јасно е дека „болест Х“ не е ништо ново и непознато, туку со години е на приоритетната листа.

Ковид-19, предизвикан од новиот коронавирус, беше пример за „болест Х“ кога почна да се шири кон крајот на 2019 година. Постои потенцијал вирусите да се прелеат и да заразат други видови, вклучително и луѓето, создавајќи инфекција против која луѓето нема да имаат имунитет. Но, таква можност постоеше и вчера и лани и пред пет години.

Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењето во објавата, како и насловот на написот што го споделува, е во целосна спротивност со она што е прикажано подоцна во текстот. Употребата на вакви бомбастични наслови шири непотребна паника меѓу луѓето, но и недоверба кон медиумите откако она што е објавено во насловот нема да се оствари. Не постои никаква смртоносна и опасна болест која се шири во светот и која е посмртоносна од коронавирусот. „Болест Х“ е хипотетичка болест која би можела да се појави во иднина и за која здравствените експерти сметаат дека треба да се дискутира, со цел човештвото да биде подготвено за евентуални мерки на претпазливост. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.