Стручното образование нуди поголем избор за професија – 70% од деветтооделенците запишаа стручно училиште

Фото: Unsplash

„Учи паметно, работи стручно“, оваа година звучи примамливо за голем број основци што наесен започнуваат ново, средношколско поглавје. Дури 7.698 ученици од првиот уписен рок годинава, се со цврста одлука да се запишат во средно стручно училиште.

Наспроти тоа, 3.971 ќе појдат во гимназиско училиште, што е речиси половина помалку од пројавениот интерес за стручното образование. Овој пораст на бројките веројатно се должи на неколкугодишните проектни програми наменети за унапредување на програмите во стручните училишта, но и прифаќање на можностите што подоцна носат кон исполнување на вистинските потреби на пазарот на трудот.

 

Некои од стручните училишта, магнет за деветтооделенците

Во Средното електротехничко училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“ во 2018 година учеле 614 ученика. Денес со завршено второ пријавување бројката на запишани е 915 ученика. Овие податоци за Мета.мк ги споделува директорот на училиштето, Димитар Ѓорѓиев.

„Интересот за нашето училиште е зголемен и тоа со бројки кои можеби се најголеми на територија на целата држава. Минатата година во насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика на македонски јазик имавме пријавено околу 150 ученика, а оваа година 182 што претставува рекорд во овој профил откако е воведен. Ова е можеби и најпопуларен профил“, вели Ѓорѓиев.

Според него, оваа насока не треба да се изучува во училишта каде има повеќе различни струки, бидејќи истиот бара одредени услови за правилно изучување.

„Добро е да има конкуренција, но мора да им се понуди и квалитет на заинтересираните ученици. Сепак, ниту едно училиште нема потребен кадар за профилот и лаборатории како што има „Михјало Пупин“. Дигитализацијата во светот и општеството е пресудна за овој профил биде на врвот и еден од најбараните од страна на деветтоодделенците. Сите стручни училишта мора да воведуваат новитети, да инвестираат инфраструктурно и најмодерна опрема за настава, да остваруваат поголема соработка со компаните, да вложуваат во учениците, да има размена со други држави и слично“, објаснува директорот и додава дека од денешна гледна точка „Михајло Пупин“ постојано се труди да ги понуди споменатите работи колку што може повеќе што како што појаснува тој, е видливо по бројот на ученици што аплицираат од година в година.

Клучно за определбата на учениците е главната разлика меѓу гимназиското и стручното образование, што според Ѓорѓиев нуди повеќе можности, занает, иднина и просперитет.

„Гимназиите нудат нешто друго. Реално сѐ уште има повеќе интерес за гимназиите, но од година во година стручното образование зема поголем замав, пред сѐ поради огромната побарувачка од страна на компаниите и дефицитарниот кадар на пазарот на трудот. Сепак, на крај од денот учениците сами си ја бираат својата иднина. Се надевам дека на огромен број од нив ќе им се исполнат сништата“, вели директорот Ѓорѓиев.

Надвор од стегите на бројките, идните „гимназијалци“ и „стручњаци“ со спротивни ставови 

Од сличен аспект како директорот на училиштето „Михајло Пупин“, но генерациски различна перспектива размислува и ученичката Јана Симоска од Тетово, што својата иднина ја гледа токму во навидум една од најпопуларните насоки низ стручните училишта, електротехничар за компјутерска технологија и автоматика.

„Уште од најмала возраст сум опкружена со компјутери и друга информатичка технологија, а и денес, таа е многу значајна за секој дел од животот. Постојано прашував и истражував. Од тие причини, мислам дека најмногу можам да ги реализирам моите желби во средното стручно училиште „Моша Пијаде“, Тетово“, вели Симоска.

Фото: Јана Симоска, лична архива

Според неа, стручното образование претставува поперспективен избор бидејќи, како што вели, дава можност ученикот да се стекне со конкретни знаења од одредена струка.

„Очекувам во ова средно стручно училиште да стекнам знаења и вештини кои се потребни за моето идно занимање. Се надевам дека покрај стекнување на теоретски знаења ќе имаме можност и за нивна практична примена“, посочува идната ученичка во ССОУ „Моша Пијаде“.

 

Симоска забележува дека стручното наспроти гимназиското образование нуди поширок спектар за понатамошна професија.

„По завршувањето на стручното образование добиваш две можности: доколку не сакаш или не можеш да продолжиш со образованието, имаш струка со која можеш веднаш да најдеш работа, а од друга страна пак, ако сакаш можеш да продолжиш да студираш на некој од факултетите. Додека пак, со завршувањето на гимназијата, ако не продолжиш на факултет, шансите за избор на работа се ограничени“, вели четиринаесетгодишната ученичка.

„Сепак“, додава таа, „најважно е секој да го одбере тоа што сака да го работи, да ја избере професијата во која најмногу ќе се пронајде“.

Тамара Наумовска од Битола изнесува сосем различно мислење; која е решена својот образовен пат да го изоди со гимназиски чевли, за што како што вели ќе има избор да ги промени по желба без да си наметнува определена струка.

„Уште во 6-то одделение, кога за прв пат почнав да размислувам за средното образование, сакав да се запишам во гимназијата „Јосип Броз-Тито” – Битола, бидејќи мислев дека она што сметам дека сакам да ми биде идна професија, во иднина може да се промени“, споделува Наумовска која годинава заврши деветто одделение во ОУ „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.

Фото: Тамара Наумовска, лична архива

Таа смета дека желбите што учениците ги имаат на 14 или 15 години многу верјотано ќе се променат по 4-годишното изучување на средното образование и оттука размислува дека гимназиските средни училишта можат да отворат многу повеќе можности и простор за промена на ставовите и желбите.

„Мислам дека средните гимназиски училишта нудат познавања од повеќе области, во споредба со стручните, а и во гимназиските средни училишта има повеќе простор за промена на одлуката за идна професија“, вели Наумовска.

Реформите на наставните програми во средните стручни училишта активно започнаа да се надополнуваат уште во 2019 година. Оттогаш, на позицијата министер за образование и наука се сменија тројца, но се работеше на една цел – поттик на интересот за запишување во училиште со однапред определена насока по одредена струка. И покрај тоа, гимназиското образование останува популарно меѓу деветтоодееленците, но скорешниот пример со приемниот испит во Скопската гимназија „Орце Николов“ го поставува прашањето колку гимназиското образование е ефективно да при процесот на градење добри образовни профили?

Резултатите од приемниот испит минатата недела посочија дека иако 337 ученици со супер одличен успех се пријавуваат за 285 слободни места, многу мал дел од нив навистина застапуваат „петкашки“ успех. По тестирањето на 292 супер одлични ученици, само 11 од нив успеаја да добијат петки.

Димовски: Ако ги примиме сите што аплицирале во „Орце Николов“, ќе останат непополнети другите гимназии