Димовски: Ако ги примиме сите што аплицирале во „Орце Николов“, ќе останат непополнети другите гимназии

Извор: Фејсбук страница на СУГС „Орце Николов“-Скопје

Вкупно 302 ученици со просечен успех 5,00 денеска полагаа квалификациски тест, од чии резултати ќе зависи дали ќе се запишат во гимназијата „Орце Николов“. Годинава во ова училиште за прв пат се полагаше тест за селекција бидејќи за 285 слободни места се пријавија 337 ученици со сите петки во предметна настава во основното образование.

Професори во училиштето денеска ги прегледуваа тестовите под надзор на вработени во Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а резултатите попладнево треба да се истакнат на влезната врата на училиштето. Родители и ученици во исчекување денеска беа присутни во училиштниот двор. Некои ученици со кои поразговаравме, рекоа дека на тестот по математика имало задачи кои биле потешки, а биле од областа на геометријата.

„Од вкупниот број скроз одлични ученици имаше 34 кои имаа и државни награди, а тие дополнтелно се бодуваат. Денеска 302 ученици полагаа квалификациски тест, по македонски и математика. После оваа селекција резултатите ќе бидат обајвени. Незадовилните ученици имаат право на приговор, за кој ќе одлучува посебна комисија“, вели Митко Димовски, директорот на училиштето.

Тој додава дека во гимназијата се пријавиле 53 ученици плус, што практично се две паралелки.

„Ако ние дојдеме до ситуација да треба да ги примиме сите, тогаш проблем ќе има гимназијата „Георги Димитров“ каде што се запишаа 30 ученици помалку, проблем ќе има „Корчагин“ со минус 70 деца, „Панче Арсовски“ каде што се запишале 40 ученици помалку. Факт е дека нема место за сите во „Орце Николов“ и не може другите гимназии да се празни“, додава Димовски.

Тој појаснува дека да се работело за десетина ученици над бројот на слободни места, а другите гимназии се полни, тогаш би биле распределени тие десет ученици во „Орце Николов“ и би се нашло решение. Но, интересот е далеку поголем и единствено решение е тест за селекција кој одлучува кој ќе се запише во гимназијата.

Денеска квалификациски тест полагаа и кандидатите за упис во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Учениците полагаа биологија и хемија, за материјалот од осмо и од деветто одделение.

Во ова училиште се пријавиле 143 кандидати за 102 слободни места за насоката медицински сестри на албански наставен јазик, а се пријавиле и 45 ученици за 34 слободни места на насоката фармацевтски техничар. Во ова училиште остануваат слободни места на насоките гинеколошко-акушерски сестри на албански наставен јазик, физиотеравпевти на албански наставен јазик, како и медицински лаборанти, забни техничари и фармацевти на македонски наставен јазик.

Пишува: Антонија Поповска