Парите за учениците доцнат поради грешки во доставените податоци

Учениците чекаат пари за декември, јануари и за февруари, надлежните велат дека мора да се исправат направени грешки, за да може да има исплата

Фото: Vidhyarthi Darpan from Pixabay

Училиштата доставија листи со ученици кои ги исполнуваат условите за финснсиска помош и кои ги доставиле потребните документи. Во тие листи се доставени податоци за родителот/старателот кој е подносител на пријавата, а кои се потребни за исплата на парите. Но, грешките во податоците испратени од училиштата, го спречуваат процесот на исплата во Министерството за финансии.

Ова е одговорот од Министерството за образование и наука (МОН) на прашањето зошто се доцни со исплата на парите кои ги вети Владата, речиси два месеци по најавата дека децата од семејства чии приходи не надминуваат 50 илјади денари месечно ќе добијат државна помош.

Дел од родителите чекаат пари за декември 2023 и јануари 2024, а наредните денови ќе треба да има исплата и за тековниов месец. Од МОН не добивме одговор на прашањето кога точно може да очекуваат исплата родителите кои не добиле пари на нивните сметки.

„Училиштата доставуваат листа со ученици кои ги исполнуваат условите и ги доставиле потребните документи, согласно јавниот повик. Во листата се доставени податоци за родителот/старателот подносител на пријавата, кои се потребни за исплата на средствата. Грешките во податоците испратени од училиштата го спречуваат процесот на исплата во Министерството за финансии“, велат во МОН.

Оттаму појаснуваат дека нивните вработени биле во постојан контакт со лицата од училиштата задолжени за селекција и доставување на листата со ученици и сите податоци потребни за исплата и заедно ги корегирале грешките.

„Имајќи го предвид бројот на ученици, прочистувањето на доставените податоци во соработка со училиштата за формирање на база со точни податоци е подолг процес“, велат оттаму, без да прецизираат кога оние кои ги исполнуваат условите, ќе ги добијат парите.

Mета.мк праша и родители кои се членови во Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“, дали имаат добиено пари од МОН за оваа намена. Искуствата беа различни, едни рекоа дека добиле за детето основец, но не и за другото дете средношколец. Други постираа скриншоти од транскакциските сметки на кои се гледа дека им се исплатени пари, а трети рекоа дека не добиле ниту за еден месец досега.

Инаку, секој родител сам ги обезбедуваше и ги пополнуваше потребните документи. Требаше да се потпише и изјава со која се потврдува веродостојноста и точноста на внесените податоци. Родителите требаше да ги достават документите до училиштата, кои беа посредници во целиот процес и од каде беа испраќани во МОН.

На 19 декември лани, надлежните во МОН го објавија јавниот повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нетоплата до 50.000 денари. Поради преоптовареност, веб-страницата на МОН се отвораше со потешкотии. Иако беше даден кус временски рок за прибирање на потребните документи и иако парите по ученик не се многу, сепак, интересот за оваа мерка беше огромен.