Екстремниот српски десничар Срѓан Ного изминативе два дена објавува фотографии од настаните поврзани со грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а за денеска најавува и емисија од 16 часот во која ќе објавел како течела истрагата и кој ги решил двата случаи на киднапирање и убиство што ја потресоа македонската јавност.
Сепак, главното прашање што се поставува е: кој e Срѓан Ного и како детали од истрагата би можеле да дојдат до ова српско политичко подземје? Неговата биографија е контроверзна и е поврзана долги години со радикалната десничарска партија Двери. Дури и од таму е исклучен во 2019 година, а една година подоцна од српските власти е уапсен и обвинет за поттикнување на бунт според членот 309 од Кривичниот законик поради насилните протести што беа организирани во Белград.
Ного има јасни проруски ставови кои ги изразува на социјалните мрежи, а е силен поддржувач на српскиот воен злосторник Ратко Младиќ. Пред неколку години беше еден од учесниците во нападот на пекара во сопственост на лице од албанска националност во белградската населба Борча. За време на српскиот референдум за уставот во 2022 година, Срѓан Ного беше уапсен поради тоа што искрши гласачка кутија на изборно место. Ова се само дел од скандалозните активности кои се регистрирани дека стојат зад ликот и делото на поранешниот пратеник Срѓан Ного.
Инаку, по објавените фотографии на Ного, од Основното јавно обвинителство синоќа информираа дека не постои опасност фотографиите што ги објави Срѓан Ного да ја компромитираат истрагата и потенцираа дека ги имаат обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените лица.
Од Обвинителството велат дека лицата кои ги објавуваат овие видеоснимки треба да размислат за етичноста на таквите објави и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите.
„Јавното обвинителство ги има обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Од тие причини не постои никаква опасност за компромитација на истрагата со објава на снимки од видеонадзор на објекти“, стои во соопштението на обвинителството.