fbpx

Срѓан Пухало: Во Република Српска дезинформациите доаѓаат преку јавните сервиси

-

Срѓан Пухало е доктор на психолошки науки во чие поле на интерес се политичката и социјалната психологија и истражувањата на јавното мислење. Тој е граѓански активнист, критичар на тековните состојби во Босна и Херцеговина и особено во Република Српска и редовен колумнист/блогер на порталот „Фронтал.ба“.

„Мета.мк“ со Пухало разговараше за дезинформациите и за злоупотребата на медиумите во БиХ, посебно во Република Српска.

Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации во Вашата земја? Кој тип „лажни вести“ се најприсутни: новинарски грешки, измислици и лажни факти, дезинформации со пропагандни цели?

– Едно неодамнешно истражување што го направи невладината организација „Зашто не“ покажува дека кај нас во БиХ доминира пренесувањето на лажните вести, а потоа следат кликбејт-вестите, лажните вести, дезинформациите, пристрасното известување, теориите на заговор, манипулирање со фактите, грешки, спин, итн. Што, пак, пожаува дека и БиХ не е имуна на овој вид „новинарство“. Во секој случај, доминираат политичките дезинформации.

Дали со лажни вести и дезинформации повеќе се користат странски „актери“ или има и „домашно производство“?

– Најчесто во прашање се медиуми од БиХ, потоа следуваат медиуми со непознато седиште, а дури потоа се медиумите со седиште надвор од земјата. Она што е тешко да се каже и одреди е местото на произведување на лажните вести и дезинформации, т.е. во која мера тоа е „домашно стопанство“, а колку увезуваме. Самиот факт дека постојат портали без импресум и адреса покажува дека во БиХ постои свест за важноста на дезинформирањето и лажните вести.

Кој најчесто ги користи таквите дезинформации? Дали самите медиуми се извор на дезинформации или само пренесуваат дезинформации што доаѓаат од други извори – политиката, странство? Кои медиуми предничат на тоа поле – дали традиционалните медиуми или можеби новите, дигиталните медиуми и медиумите што објавуваат на интернет?

– Интересно е дека во БиХ најмногу лажни вести пренесе јавниот сервис на Република Српска – РТРС, а потоа Српската новинска агенција (СРНА), која е новинска агенција на Република Српска и на третото место Алтернативна телевизија од Бања Лука.  Сите тие се многу блиски до властите во Република Српска и тешко е да се отргнеш од впечатокот дека тоа се прави плански, посебно пред избори. Се разбира, и во Федерацијата БиХ има такви медиуми и тие се најчесто анонимни и под контрола на некоја политича групација. Изворите на овие дезинформации се најчесто комерцијалните медиуми, па следат јавните сервиси. Како извори на дезинформации најчесто се појавуваат порталите „Спутник“, РТРС, СРНА, „Информер“, „Блиц“, „Курир“ и „Бљесак“. Она што е специфично е што лажните вести и дезинформациите првин се појавуваат на некој анонимен портал, а потоа го пренесуваат СРНА и РТРС и им даваат легитимитет и видливост.

Имаат ли властите некаков план за борба против дезинформациите? Колку се активни на тоа поле?

– Во БиХ има три нивоа на власт и 13 влади и тешко е да се пофаќа кој што прави, но тешко е да се очекува дека власта ќе застане пред оваа непогода, кога тие изобилно ги користат тие дезинформации за да останат на власт. Тие декларативно се згрозени од сето тоа, но ништо не преземаат на тој план.

Имаше ли судски пресуди за предизвикување општа опасност или за слични кршење на законите преку лажни вести или говор на омраза. Колку Советот за печат беше ангажиран со претставки што се однесуваат на дезинформации?

– Колку што ми е мене познато, немаше судски пресуди, но имаше некои пријави и најави за пријави. Додека тоа дојде до судовите, јавноста веќе заборавила за што се работи. Советот за печат си ја работи работата, апелира, едуцира, но тешко е да се сузбие јавниот сервис или информативната агенција на едниот ентитет, коишто тоа свесно го прават и се подготвени на сѐ, па и да платат казна со парите на граѓаните.

Дали и колку медиумските здруженија и другите учесници во граѓанското општество се активни во борбата против дезинформациите? Кои се клучните активности што се превземаат и кои активности би можеле да се превземат во таа борба?

– Новинарските здруженија зборуваат за тоа, едуцираат, но проблемот е што се останува на тоа. Тие се свесни дека тоа го урива угледот на новинарството, ама како може да казниш некој што нема импресум и не ги потпишува текстовите или само пренесува туѓи (дез)информации. Има и новинарска солидарност и разбирање за состојбата на новинарите и преку тоа се поминува премолчано.

Во која мера медиумите известуваат за другите земји од регионот? Колку се известува за состојбата во Северна Македонија и на кој начин?

-Јас мислам дека БиХ е една од ретките држави во регионот во која медиумите известуваат за случувањата во земјите од поранешна Југославија. Србите следат што се случува во Србија, Црна Гора и Хрватска, а Босанците следат сѐ бидејќи се многу чувствителни на пишувањата на соседите за БиХ. Македонија беше во фокусот во време не нередите и во текот на промената на власта, а сето тоа во контекстот на пресметката на Русија и САД на Балканот.

Дали Северна Македонија и развојот на ситуацијата во неа, посебно прашањето на договорот за името, внатрешните меѓуетнички односи, се користат за дезинформации на локалната политичка сцена или во некоја поширока, регионална или европска слика?

– Секако. Пред последните избори во 2018 година се споменуваа некои разузнавачки центри во Скопје што работат против актуелната власт во Република Српска, а честопати се споменуваше и „македонско сценарио“, ама никогаш не ни беше разјаснето какво е тоа. Исто така, Македонија беше претставувана како крах на демократијата и непочитувањето на волјата на народот кога се случуваше референдумот за името Северна Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...