Специјалното обвинителство во маѓепсан политички круг

-

Специјалното јавно обвинителство и Катица Јанева, иако беа инаугурирани од Собранието пред повеќе од четириесетина дена, сè уште не можат да почнат со работа поради спорот околу бројот на обвинители, а нема официјални информации ниту дали Јанева ги добила бараните финансии за работа од Владата.

Во моментов спорот меѓу Советот на обвинители и Катица Јанева е статус кво. Решението, ако се види редоследот на настаните, зависи од епилогот на преговорите меѓу политичките партии, кои, исто така, се заглавени.

Во средата минатата недела (14 октомври), Советот на јавни обвинители по тричасовна расправа одлучи наместо бараните 14, на Јанева да ѝ додели седум помошници-обвинители.

Јанева реагираше дека со одлуката Советот го прекршил законот за специјалното обвинителство и најави дека ќе продолжи да бара да ѝ се одобри целиот тим.

Партиите потписнички на Договорот од Пржино се договорија преку министерот за правда, Аднан Јашари, да испратат писмо до Советот, во кое бараат да бидат избрани и останатите седум обвинители.

На почетокот на минатата недела, Советот ѝ го достави писмото на специјалната обвинителка, која речиси истиот ден на Советот на јавни обвинители му прати барање со листа на обвинителите што сака да ги види во својот тим.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, на 21 октомври соопшти дека барањето на Јанева воопшто не било ставено на дневен ред на седницата, бидејќи таа ги навела истите имиња за кои еднаш веќе било расправано и дека „со оглед на бројот на предметите, Советот смета дека на специјалната обвинителка во моментот не ѝ се потребни повеќе обвинители“.

Во врска со писмото од четирите партии, Аневски рече дека „Советот е независна институција и нема да работи по политички препораки“.

Oд кабинетот на Јанева сè уште нема реакција за последната одлука на Советот.

Во меѓувреме, измина рокот (19 октомври) до кога Владата требаше да одлучи по општиот работен, персонален и финансов план и да ја одобри сумата од повеќе од еден милион евра што Јанева ја бара за работа на обвинителството.

Истото се однесува и на просториите за работа на специјалното обвинителство, работа што Министерството за правда требаше да ја заврши до 19 октомври.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...