fbpx

Солун – 20 години подоцна

Вo сенка на неисполнетите очекувања

-

Солунската агенда беше најавувана како пресврт во политиката на ЕУ кон Западниот Балкан. Со документите што ја сочинуваат (Декларацијата од Солун на Самитот на шефови на држави ЕУ – Западен Балкан и Заклучоците на Советот на ЕУ со прилогот „Солунска агенда за Западниот Балкан – движење напред кон европска интеграција“), таа навистина најконкретно дотогаш ја отвори перспективата за членство на државите од регионот во ЕУ. За волја на вистината, и тогаш очекувањата беа многу повисоки од крајниот резултат, кој беше компромис видлив и во самиот наслов на документите.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Да се потсетиме накусо на констелацијата која ја овозможи Солунската агенда. Во ЕУ се привршуваше големото проширување кон источните кандидати, кое следуваше во 2004 и 2007 година. Во регионот се сменија авторитарните режими во тогашната СР Југославија и во Хрватска. Во Македонија со имплементација на Охридскиот рамковен договор се стабилизираше безбедносната состојба. Црна Гора и Косово сѐ уште немаа прогласено независност, а за пост-дејтонска Босна и Херцеговина се очекуваше интеграцијата во ЕУ да биде сидро и за внатрешна интеграција.

Грција, близок сосед со најдолг стаж во ЕУ имаше позитивна улога како претседавач на ЕУ приоретизирајќи го процесот на проширување за државите од регионот и обидувајќи се да се промовира како негов значаен покровител.

Од друга страна, гласот на регионот за прв пат беше обединет и шефовите на држави/ влади јасно и заеднички ги поставија своите барања за членство во ЕУ – нешто што веројатно тогаш се случи за последен пат.

Кои беа главните постулати на Солунската агенда:

  1. Јасно отворање на перспективата за членство од највисоко ниво (иако слични формулации имаше веќе во документите на Европскиот совет уште од 2000-та година);
  2. Поврзување на перспективата за членство со почитувањето на основните вредности на ЕУ од страна на државите од Западниот Балкан, но и со регионалната соработка;
  3. Процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА) ќе биде рамката на процесот на интеграција сѐ до членството во ЕУ;
  4. Посветеност на безбедносната стабилизација, враќањето на бегалците и престанок на поделби по етничка линија;
  5. Приоретизација на борбата против организираниот криминал и корупцијата;
  6. Почеток на дијалогот за визна либерализација;
  7. Посветеност на пазарна економија, структурни реформи, поддршка на ЕУ за развој на мрежите и инфраструктурата.

За да се поддржи остварувањето на овие принципи и цели на Агендата, беа воведени повеќе инструменти по примерот на инструментите од претходното проширување, во комбинација со процесот на стабилизација и асоцијација.

Редовните годишни средби на највисоко ниво, како и состаноците во областа на правдата и внатрешните работи станаа традиција. Државите од ПСА почнаа да се придружуваат кон заедничките позиции на ЕУ во Заедничката надворешна и безбедносна политика.

Се унапреди процесот на набљудување и оценка преку годишните извештаи по моделот на оние за источните кандидати и се воведоа европски партнерства (во меѓувреме напуштени), како документ кој треба да ги води реформите. Се воведе редовниот економски дијалог.

Не беше дадена финансиска пристапна поддршка слична на претходните кандидати, туку најпрвин унапреден КАРДС, а потоа и воведен нов инструмент – ИПА. Тој требаше, меѓу другото, да овозможи постепено преземање на одговорноста за финансиската помош на државите корисници, но тој процес стагнираше. Немаше значително покачување на финансиската помош. Се воведоа форми на техничка помош претходно користени за источните кандидати како твининг и ТАИЕКС.

Уште оттогаш се отворија програмите на Заедницата за државите од ПСА, како и пристапот до одредени агенции – не, како што сега се тврди дека тоа е придобивка на „почетокот на преговорите“.

Приоритет се даде на соработката во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Се отвори дијалогот за процесот на визна либерализација.

Значајно внимание се посвети на регионалната соработка, која подоцна резултираше и со формирање на Регионалниот совет. Тогаш беа приоретизирани развојот на регионалната слободна трговија, безвизен режим во регионот, собирање на малото оружје, регионален пазар за електрирна енергија и гас, управување со водите, прекугранична соработка, регионална соработка во науката и ИТ, како и развој на соработката на комисиите за европски прашања на парламентите.

Меѓутоа, да се вратиме на големата слика:

Ако треба да бидеме задоволни со тоа дека не сме се вратиле во политичката и безбедносна состојба пред Солунската агенда – тоа е сепак премалку, особено што сѐ уште се „активни“ кризните жаришта, и покрај ангажманот на ЕУ. Поделбите по етничка линија остануваат регионален белег, но и белег внатре во повеќето од државите на регионот, за жал –  потенцирани од старите и новите соседи членки на ЕУ.

Перпективата за членство во ЕУ досега се покажа отворена само за Хрватска, која со стратешко покровителство, брзо се извлече од групата на Западниот Балкан и стана членка на ЕУ по една декада од Солунската агенда. Две држави – Србија и Црна Гора (која патем стекна независност по Солунската агенда) почнаа преговори, нo, и онака бавната динамика сега се претвори во стагнација. Албанија е на самиот почеток на преговорите. Македонија, која тогаш предничеше во ПСА, соочена со блокадите од Грција и Бугарија и внатрешни кризи, сѐ уште е „во фаза на почеток на преговорите“. Босна и Херцеговина го доби статусот на кандидат благодарејќи на спуштените критериуми за Украина, а во меѓувреме Косово, со прогласена независност, поднесе апликација, која е во сенката на кризата на северот на Косово.

Регионот не ја забрзува економската конвергенција со ЕУ.

Наместо процесот на стабилизација и асоцијација да биде единствениот пат кон членство, се бараат нови методи и алтернативи за членството.

Регионалната соработка се одвива со бавни чекори и ни оддалеку го нема потенцијалот, ни во економска ни во политичка смисла, да ја супституира интеграцијата во ЕУ.

Организираниот криминал и корупцијата (само со изменет редослед) се актуелни повеќе од кога и да е порано.

Визната либерализација е една од придобивките, но таа и не мора да биде поврзана со перпективата за членство во ЕУ. Сепак, самиот процес е доказ дека кога ќе се постави јасна цел и услови – резултати има.

Она што најмногу загрижува е губењето на кредибилитетот и на трансформативната моќ на Унијата. Веројатно не треба да биде ни чудно кога ќе се спореди што се ветувало и што се постигнало – и од двете страни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...