fbpx

Медиумски наративи за ЕУ како фактор за зголемено руско влијание во Северна Македонија

Дезинформациски и пропагандни наративи кои ја претставуваат ЕУ како неконзистентна или неморална, слаба, разединета, пред распаѓање, некредибилна итн. се дел и од стратегијата на актуелната владејачка структура во Русија за засилување на руското влијание и подривање на демократските и интегративните процеси во регионот на Западен Балкан

-

Кога се проценува влијанието кое ја изместува Северна Македонија од прокламираниот процес на демократски развој насочен кон прифаќање на вредностите на Европската Унија (ЕУ) и пристапување кон ЕУ, не смее да се занемари како во македонските медиуми се претставува уделот на одделни држави членки на ЕУ и како медиумските и политичките интерпретации влијаат на перцепцијата на самата заедница како посебна структура меѓу граѓаните на Република Северна Македонија (РСМ), пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На прв поглед ова има апсурден призвук, меѓутоа, може да се идентификува како резултат на медиумско претставување на фактички или перципирани ставови на одделни држави членки кои отстапуваат од генералниот вредносен систем на ЕУ, реално или привидно контрадикторни ставови на ЕУ како структура, мисинтерпретации (погрешни и/или злонамерни толкувања) на одделни ставови и делувања на ЕУ од страна на креатори на јавното мислење во РСМ.

Дезинформациски и пропагандни наративи кои ја претставуваат ЕУ како неконзистентна или неморална, слаба, разединета, пред распаѓање, некредибилна итн. се  дел и од стратегијата на актуелната владејачка структура во Русија за засилување на руското влијание и подривање на демократските и интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.

 

Оттурнувачкото влијание на одделни држави членки

Поставена како генерално посакувана дестинација ЕУ не смее да се перципира како хомогена структура. Независно од тоа што во пристапната комуникација, односот на Северна Македонија се гради во релација со структурите на ЕУ, а не со одделни држави, одделните држави членки на ЕУ може да имаат негативно влијание и да го дестимулираат пристапниот процес на Северна Македонија.

Во услови кога државата се наоѓа под силен притисок на руското и кинеското влијание кои ги користат сите внатрешни конфликти и партиски и општествени групирања да го зајакнат своето присуство и да ја дестимулираат државата во ЕУ ориентацијата, настапите и ставовите кои ги пласираат одредени земји членки на ЕУ наоѓаат плодна почва и можат да се користат за разнишување на довербата на граѓаните во пристапниот процес.

Еден од најистурените играчи во оваа насока е Унгарија.

 

Медиумско користење на вести и изјави од Унгарија

Унгарија е членка на ЕУ која е веќе подолго време идентификувана како држава која е под силно руско влијание. Така на пример, Индексот на ГЛОБСЕК за ранливост на странски влијанија посочува:

Споредена со другите ЕУ држави во кои се истражува индексот на ранливост, Унгарија се соочува со поголема ранливост од странско влијание во повеќе сфери.

Проблемот на руското влијание во Унгарија е предмет на опсежни анализи и расправи и во структурите на ЕУ, како онаа претставена во Европскиот Парламент во октомври 2022 г.:

Влијанието на Кремљ станува се повидливо на многу фронтови во Унгарија. Тоа има долготрајни последици не само на надворешната политика на Унгарија туку и на безбедноста на Европската Унија.

Овие и вакви анализи многу малку допираат до пошироката (па и потесната – политичка, стручна и научна) јавност во Северна Македонија. Наспроти ова, многу често и без посебни анализи се пренесуваат изјавите на високи функционери на Унгарија кои се насочени против генералните политики на ЕУ и кои поддржуваат пријателски однос или барем соработка со актуелната власт во Русија.

Фактот дека станува збор за земја членка на ЕУ се користи од различни кругови, па и од низа медиуми, како доказ или барем како претпоставка за кредибилитетот на постапките на одделни високи функционери, па дури и како пример за правилно постапување и делување.

Прв канал на ваков вид влијание кој доаѓа од страна на Унгарија е медиумската поддршка за растечкиот национализам, спакуван во обланда за заштита на нацијата.

На пример, на порталот Вечер, под насловот: „„УНГАРИЈА ИМА АНТИДОТ“ – Светот се соочува со вирус кој ја напаѓа нацијата“ се вели дека станува збор за:

Говор на Орбан за паметење во кој се истакнува дека западниот свет е заразен со вирус развиен во „прогресивни либерални лаборатории“, додека Унгарија има противотров – велејќи не на миграцијата, родовата идеологија и војната…

Во написот на порталот е направен избор на ставови од говорот на Орбан со кои се атакуваат суштински елементи од вредносниот систем на ЕУ, демократските процеси, владеењето на правото и посебно концептот за човековите права.

Без соодветна анализа овој и ваков текст е едноставно памфлет против ЕУ, може да ги проблематизира промените во Северна Македонија кои би требале да доведат до усвојување на ЕУ вредностите и погодува на сите оние струи кои го негуваат националистичкиот пристап во градењето на односите во и надвор од државата.

Кога станува збор за Унгарија, некои медиуми одат и чекор понатаму. Под наслов: „Унгарија сака да ја напушти ЕУ?“  во медиумот Фактор е пренесен дел од напис од весникот „Унгарска нација“:

Додека Западот веќе свесно го крши христијанскиот морал и светски поредок и наместо тоа најавува изградба на космополитско, безлично светско општество, кое се потпира на безгранична самозадоволство и самоуништување на поединецот, ние Унгарците, Полјаците и Централна Европа цврсто се придржуваме кон милениумот културни и верски темели.

Во ситуација кога „Западот“ се идентификува како извор на „злото“, останува јасната алтернатива која е имплицирана во „истокот“ и вредносните системи кои би соодветствувале на овие барања.

Промоцијата на Руската ориентација уште појасно произлегува од написот на новинската агенција Макфакс под наслов: „Унгарија нема да ги поддржи одлуките на НАТО кои водат до директен конфликт со Русија”. На порталот е пренесена изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто во која тој директно се спротивставува на секој облик на вклучување на НАТО во конфликтот меѓу Русија и Украина:

Ова е наша обврска бидејќи секој директен конфликт меѓу НАТО и Русија е еднаков на почеток на светска војна и носи ризик од нуклеарна војна.

Едностраното пренесување на провокативните изјави на премиерот на Унгарија, Орбан кулминира во написот даден на порталот МКД под наслов: „Орбан: Русија не може да биде поразена“ во кој се пренесува

Орбан истакна дека постојат големи западни економски кругови, вклучувајќи го американскиот милијардер Џорџ Сорос, кој „секогаш сонувал некако да стапне на украинско тло.

Успеаја да дојдат до Украина. сега сакаат да добијат пристап до природните ресурси на Русија. Добро се сеќавам како во 1990-тите, во времето на Борис Јелцин, Западот и Америка сакаа да вложуваат во руското производство и така на „бизнис основа“ да ги стекнат руските природни ресурси, додаде тој.

Како што наведе Орбан, по тоа рускиот претседател Владимир Путин, наследникот на Јелцин, го прекинал тоа, ги исфрлил од земјата и повторно ја вратил контролата над економските ресурси на Русија.

Влијанието на ваквиот вид изјави во медиумскиот простор, без соодветна анализа или  претставување на контекстот во кој се искажани (посебно политичкиот контекст во самата Унгарија) се зајакнува со изјавите на високи функционери во власта кои Унгарија ја идентификуваат како поддржувач на Северна Македонија во пристапниот процес кон Еу.

На македонскиот сервис за вести на турската државна новинска агенција Анадолија, на пример, е пренесена изјавата на претседателот Стево Пендаровски дадена при официјалната посета на претседателката на Унгарија, Каталин Новак

Неспорно, Унгарија е една од најгласните и најактивните членки на Европската Унија во поддршката на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан и земја која одигра значајна улога во одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија. На средбата добив уверување дека ќе продолжи оваа поддршка од Унгарија, која проширувањето го смета за една од најважните стратешки политики на ЕУ.

Меѓутоа во истиот напис е издвоен и дел од изјавата на претседателката на Унгарија кој се однесува на проблемот со нелегалната емиграција

Преку Северна Македонија и Западен Балкан, огромен број илегални мигранти стигнуваат во Унгарија и нивниот број во изминатата година се дуплираше.

Токму илегалната миграција се појавува како лајт мотив во настапите на унгарските функционери и политичари и се идентификува како една од причините заради кои треба да продолжи проширувањето на ЕУ и интегрирање на земјите на Западен Балкан во ЕУ (платформата ТРТ Балкан, која на Балканот функционира како експозитура на Турската радио-телевизија (ТРТ)).

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека регионот на Западен Балкан игра важна улога во борбата против нерегуларната миграција, додавајќи дека доколку земјите од регионот не соработуваат со ЕУ, ќе бидат во многу тешка ситуација да ја запрат нерегуларната миграција.

На порталот на неделникот Фокус е дадена изјавата на шефот на кабинетот на премиерот на Унгарија Орбан, според кој:

Унгарија нема да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку влезе во земјата, изјави шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, додавајќи дека нема да има законска основа за тоа.

Контрадикторноста на пораките кои доаѓаат од Унгарија е засилена со улогата која таа ја има во бегството на поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски и блиските односи со сега опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

 

Пренесување контроверзни изјави на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Наспроти генералната политика на владејачката структура во Унгарија интересно е влијанието кое може да го имаат пораките на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ. И покрај тоа што станува збор за издвоени мислења на претседателот на Хрватска (кои често се спротивни на генералната политика на хрватското раководство), не може да се занемари влијанието кое може да го имаат врз македонската јавност. Дури и тогаш кога се ставени во контекст на неговите односи со раководството на Хрватска тешко е да се очекува од граѓаните да направат такво ниво на процена кое би го амортизирало негативното влијание.

На пример во напис на македонскиот сервис на вести на Радио Слободна Европа под насловот: „Хрватскиот претседател со критика до западните земји за вооружувањето на Украина“ е дадена изјавата:

Јас сум против испраќање на какво било смртоносно оружје таму, рече Милановиќ. Според него, тие испораки на оружје само ќе ја продолжат војнатаКоја е целта? Распад на Русија, промена на власта? Се зборува и за распарчување на Русија. Ова е лудо,  додаде тој.

Изјавите на хрватскиот претседател се интересни за македонските медиуми заради својата контроверзност и спротивставеност на официјалната политика на Хрватска кон ЕУ. На пример, во Слободен печат

До вчера Путин и тие луѓе беа кул. Постигнаа успеси во повисоките редови на германската политика. На крајот на краиштата, тие се најголемите непријатели. Германски тенкови во Русија? Среќно со тоа, вели Милановиќ.

Во слична насока е изјавата на претседателот на Хрватска пренесена од страна на весникот Нова Македонија под наслов: „Не знаев дека Европа војува со Русија, а без договор Москва-Вашингтон, ќе следи трета светска војна, смета хрватскиот претседател“.

 

Претставување на улогата на Франција во негативно светло

Уште една држава чие медиумско претставување има посредно негативно влијание врз перцепцијата на граѓаните на Северна Македонија (посебно етничките Македонци) на ЕУ интегративните процеси и може да влијае за зголемување на шансите за руско влијание, е Франција.

Во повеќе наврати таа е идентификувана од страна на поголем број медиуми во Северна Македонија, но и експерти и дел од академската заедница, како поддржувач на асимилаторската политика на Бугарија. Само како пример, на порталот МКД под наслов: „Срамен предлог на Франција за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија“ е дадена реакцијата на стручната јавност на предлогот за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија понуден од страна на Франција:

Македонските црвени линии треба да бидат преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија. Ова како еден вид предупредување уште во март го соопштија Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) кои изработија документ. „Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент”.

Порталот Expres.mk во повеќе наврати објавува написи со кои се проблематизира ЕУ  интегративниот процес на Северна Македонија и посебно во светлото на улогата која во тој процес ја има Франција. Таков пример е текстот под наслов: „Клековски: „ЕУ фронтот“ против хрватската ЕУ-преамбула е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на Македонците“ .

Истиот текст е преземен и од страна на весникот Нова Македонија.

Текстот сам по себе претставува анализа на еден интересен проблем, меѓутоа посредно го поставува прашањето за ЕУ интеграцијата како најдобра алтернатива за Северна Македонија во моментот. Ова посебно може да се лоцира во делот во кој авторот се осврнува на историските корени на бараните уставни промени.

Контроверзната улога на Франција е пренесена и во написи како оној од македонската верзија  на германскиот радиодифузен сервис „Дојче веле“ (DW) каде под насловот: „ЕУ како дестабилизатор“ е направена мини анализа на негативното влијание кое го имаат одредени решенија на ЕУ и посебно специфичната политика на Франција во однос на државите на Западен Балкан.

 

Неединството на ЕУ претставено како фактор на слабост

Негативното влијание кое ја изместува Северна Македонија од декларираната ЕУ ориeнтација посебно се засилува со инсинуациите за несогласиците кои постојат/се појавуваат во рамките на ЕУ (независно од прашањето, односно проблемот околу кој се појавуваат невоедначени ставови на државите членки).

Вакви текстови често може да се сретнат во весникот Вечер. На пример под насловот: „ЕВРОПА РАЗЕДИНЕТА, НЕ ЗНААТ ШТО ДА ПРАВАТ СО РУСИЈА! – Изолација или судир со Путин?“ се вели:

Извори од германската влада, исто така, рекоа дека се загрижени дека некои на Запад би можеле да ја поттикнат Украина на нереални воени цели, вклучувајќи го и повторното заземање на Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, што може да го продолжи конфликтот.

Лајтмотивот за разединетоста на ЕУ (како дестимулирачки момент во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија) може да се изведе и од насловот “Политико: ЕУ-земјите не можат да се договорат каде да купат муниција за Киев“ на текстот објавен во весникот Нова Македонија (и покрај тоа што во самиот напис нема индиции во оваа насока).

Дел од медиумите го „зајакнуваат“ негативниот однос кон ЕУ (посебно во светлото на претпоставената разединетост) со пренесување на изјави на руски високи функционери. На пример, на порталот А1он е пренесена изјавата на  потпретседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, според кој, може да се предвидат 10 развојни линии во Новата 2023 година од кои секоја посебно и сите заедно предвидуваат крах на ЕУ, пропаст на ЕУ политиката и посебно на вредносниот систем.

Посредно, преку ваков вид содржини се промовира идејата за несоодветност на ЕУ како цел кон која се стреми Северна Македонија, но и како доказ дека и самите ЕУ држави членки имаат различни ставови кон конфликтот во Украина што го проблематизира и уделот на Северна Македонија во помошта која ѝ се дава на Украина.

Ваквите изјави се потфаќаат и се зајакнуваат со изјави дадени од страна на домашни политичари кои отворено заговараат промена на ЕУ курсот на државата (медиум Народен глас)

АПАСИЕВ: ЕУ ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ, ДА СЕ ПРИДРУЖИМЕ НА ЕВРОАЗИСКАТА УНИЈА СО РУСИЈА И БЕЛОРУСИЈА

За среќа има нови струења. Глуп е тој човек кој мисли дека само ЕУ е светот. Има нови струења, се распаѓа геополитичкиот систем кој го познававме пред наши очи и треба да го фатиме бранот.

Контрадикторноста на пораките кои стигнуваат не се бара само во однос на различните изјави на одделни држави членки на ЕУ, туку и внатре во државите (меѓу политичките претставници на државите членки и нивните граѓани).

Многу директна осуда на „слепата“ свртеност на Северна Македонија кон веќе „истрошената“ ЕУ (која според авторката сама себе се обезличува), наспроти „светлите“ примери како што е Кина, може да најдеме во написот на Билјана Ванковска за весникот Нова Македонија под наслов: „Како Кина ја „украде“ европската бајка“. Во вакви и слични написи се глорифицира кинескиот политички систем наспроти ЕУ без никакви објективни параметри врз основа на кои би се изградила реална паралела на вредносните системи на двете опции кои според авторката и стојат на располагање на Северна Македонија.

Последен во низата примери кои се дистрибуираат во македонските медиуми е истражувањето во Австрија кое во Северна Македонија е претставено под насловот: „Австријците не ја сакаат Македонија во ЕУ“  на порталот на неделникот Фокус.

Убедливо мнозинство Австријци се против проширувањето на Европската унија, кое, спротивно на вербалното застапување на официјалните лица во Виена, важи и за сите земји од Западен Балкан, покажува истражувањето на Австриското друштво за европска политика (OGfE), пренесува агенцијата Бета.

 

Растечки перцепции за ЕУ како виновник

Растот на евроскептицизмот во Северна Македонија е очигледен и потврден со податоците добиени во поголем број истражувања.

На пример, резултатите од последниот Евробарометар недвосмислено упатуваат во таа насока.

Резултатите покажуваат и дека само 17 отсто од граѓаните сметаат дека ЕУ има фер, пријателски и коректен однос, наспроти 65 отсто кои сметаат дека односот е нефер, надмен и уценувачки

Ова кореспондира со резултатите на други истражувања спроведени во истиот период.

На пример, во весникот Нова Македонија се пренесени резултатите од истражувањето на јавното мислење изработено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“

Ние ова го следиме седум години секоја година по ред. Она што може да се заклучи е дека за поддршката на луѓето за влез во ЕУ е на рекордно најниско ниво, односно последниве три години го држи дното со горе-долу некои статистички незначителни разлики. Тоа е едната работа и тоа е она што го констатираат и другите истражувања – изјави Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Според последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје, спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај,

55,7 отсто се против преговарачката рамка која Владата ја договори со Европската Унија и сметаат дека со тоа земјава се става во потчинета положба

Додека 70 отсто од Македонците се против преговарачката рамка, дури 75 отсто Албанци даваат поддршка.

Вината за растечкиот евроскептицизам кај граѓаните сè почесто се бара во делувањето на самата ЕУ.

Во слична насока е дури и изјавата на претседателот, Стево Пендаровски пренесена во повеќе медиуми. Само како пример, во написот од македонскиот сервис на вести на Радио Слободна Европа во врска со посетата на германскиот претседател Штајнмаер:

Не можете да им објасните на македонските граѓаните зошто 17 години од различни причини ЕУ го одложува почетокот на преговорите. Ако во тие преговори кои би биле започнати, ние не сме добри, не сме ефективни тогаш би можеле да ја лоцираме одговорноста предоминантно на наша страна. Но, ми се чини дека ако вратата вистина се отвори широко за целиот регион ќе видите подобри резултати и во поддршката на нашите граѓани за интегративниот процес…

Во врска со истата посета и во медиумот CIVILMEDIA е дадена изјавата на претседателот Пендаровски

Точно е дека анкетите во последниве 18 месеци и во нашата земја и во нашиот регион покажуваат пад на поддршката за ЕУ. Јас не би сакал да се изземеме сите ние што сме локални и регионални политички раководства, се разбира имаме и ние тука одреден дел од одговорноста. Меѓутоа, мојот впечаток, мојата анализа почива на фактот дека главен резон, главен аргумент за овој пад во евроинтузијазмот да го наречеме поддршка за членство во ЕУ е на страната на Брисел затоа што во изминатите три-четири, пет па и повеќе години објективно не гледаме дека процесот на европските интеграции се движи напред, истакна Пендаровски.

Реакциите на засилениот притисок од страна на ЕУ стануваат се поотворени и понегативни. На пример во медиумот Слободен печат

Причината за ваквиот пристап на ЕУ се покомплексни и почнуваат со внатрешните проблеми во функционирањето, па сè до неуспехот на ЕУ да се наметне како единствен, унифициран актер на глобалната политичка сцена. Денес никој не може да биде про-ЕУ или анти-ЕУ бидејќи содржината на што тоа значи европски вредности е во најмала рака разнишана – смета Ранѓеловиќ.

Негативно влијание може да се идентификува и во средбата која ја оствари еврокомесарот Варјхеји со граѓаните на Северна Македонија кои се перципираат како етнички Бугари, а која беше проследена од голем број медиуми (24ВестиФокусАлфа МКНова МакедонијаНоваТВКанал5, …). Паѓа в очи дека на оваа средба има реакции и од страна на некои странски експерти упатени во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Порталот Република е еден од медиумите кои споделуваат ваква реакција под наслов „Ван ден Берг: ЕУ го губи кредибилитетот со двојните аршини кон Бугарите во Македонија и кон Македонците во Бугарија“

Не е новина дури и одредени странски политичари отворено да ја обвинуваат ЕУ за политиката која ја води кон Северна Македонија и укажуваат на негативното влијание кое го има оваа и ваква политика. На пример, уште во 2015 година на телевизијата Канал5 под насловот: „Петир: ЕУ е виновна за сè што се случува во Македонија“ е споделен ставот на хрватската европратеничка Маријана Петир:

Стабилноста во Македонија е важна за стабилноста на целиот регион и за целата Европска унија. Македонија не смее повеќе да биде во чекалната, како поради македонскиот народ, така и поради кредибилитетот на Европската унија, рече хрватскиот член на Европскиот парламент Петир на пленарната седница на Европарламентот за состојбите во Република Македонија.

Македонија ги исполни сите потребни услови и заслужува да и се отворат пристапните преговори, истакна Петир и побара билатералниот проблем со името да почне да се решава во рамките на преговорите според моделот кој Хрватска и Словенија го користеа за решавање на билатералното прашање и кој се покажа како успешен.

Во јавноста на РСМ, перцепцијата за негативното влијание на делувањето на ЕУ се поврзува не само со растечкиот евроскептицизам на граѓаните во Северна Македонија, туку и како влијание врз усложнувањето/влошувањето на меѓуетничките односи и стабилноста на Северна Македонија.

На пример, притисокот на ЕУ за промени на Уставот на Северна Македонија (согласно францускиот предлог за кој се донесени заклучоци и од страната на Собранието на Северна Македонија) се користи во поставување  барања на претставниците на партиите на етничките Албанци во Северна Македонија за искористување на промената на Уставот за воспоставување на биетнички наместо граѓански, унитарен и мултикултурен модел на држава. Националната телевизија Алфа ТВ во вест со сензационален и потпалувачки наслов: „Со уставниот предлог за два народа, пет заедници и многу малцинства нема да остане ништо од Македонија“ посочува:

Отворањето на Уставот ја отвори Пандорината кутија – уште не скроена преамбулата, апетитите на албанскиот политички фактор растат. Според аналитичарите, изедначувањето на македонскиот и албанскиот народ во преамбулата, Македонија станува би-национална држава, што ќе повлече подлабоко задирање во Уставот во однос на бришење на „20 отсто“. Зголемувањето на апетитите и тоа кој колку ќе добие од отворањето на Уставот, според Атанасовски може да доведе до политичка криза.

 

Последици од негативните медиумски интерпретации на пораки кои доаѓаат од ЕУ и ЕУ членките

Последиците од горенаведените начини на медиумско претставување на влијанието на ЕУ  и одредени земји членки во Северна Македонија можат да се лоцираат во растечкиот евроскептицизам на граѓаните, непријателскиот однос кон ЕУ и одделни земји членки, во ретроградните процеси поврзани со борбата со корупцијата и владеењето на правото, и во растечки национализам, како и во намалената поддршка на напорите на Владата на РСМ за помош на Украина или учество во заедничките процеси иницирани од ЕУ, како санкциите против  Русија.

  •  Прва последица од медиумското претставување на контрадикторните и често противречни пораки кои доаѓаат од ЕУ и од одделни членки на ЕУ е растечкиот евроскептицизам кај граѓаните
  • Медиумското претставување на негативното влијание на ЕУ се одразува на зголемување на меѓуетнички разлики (посебно меѓу етничките Македонци и етничките Албанци) и предизвикува нови меѓуетнички тензии
  • Едностраното пренесување на изјави на одделни политичари од државите членки на ЕУ, без анализа на конкретниот општествен контекст во кој се дадени, отвора врата за негативна генерализација на односите во рамките на ЕУ
  • Ставовите на високи функционери на одредени држави членки на ЕУ во конкретен момент се перципира како конкретен став и политика на таа држава
  • Преувеличувањето на историските конфликти и/или релации на одделни држави членки на ЕУ станува основа за развивање негативен однос кон ЕУ
  • Се проблематизира/оспорува вредносниот систем на ЕУ
  • Се подотвора вратата за алтернативни решенија кои излегуваат надвор од ЕУ ориентацијата и ја приклонуваат Северна Македонија кон Русија/Кина

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за правна држава и човекови права

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...