„Опен АИ“ лобирала во ЕУ за да избегне построги регулации во законот за ВИ

Компанијата се борела нејзините системи за генеративна вештачка интелигенција да не бидат сместени во категоријата со висок ризик, со цел да избегнат построги правила

Photo by Mojahid Mottakin on Unsplash

Компанијата „Опен АИ“ лобирала во Европската Унија да се „омекне“ законодавството за вештачка интелигенција (ВИ). Според документи од Европската комисија, компанијата-креатор на четботот ChatGPT побарала европратениците да направат неколку амандмани во нацрт-верзијата на Законот за вештачка интелигенција на ЕУ – претстојниот закон создаден за регулирање на употребата на ВИ, пренесува американскиот медиум „Врџ“.

Барањата на „Опен АИ“ стигнале пред нацрт-законот да биде одобрен од Европскиот парламент на 14 јуни, а некои од забелешките на компанијата на крај биле внесени во законодавството.

Пред одобрувањето на предлогот, европратениците дебатираа за проширување на условите во Законот за сите системи за ВИ за општа намена, како што се ChatGPT и DALL-E на „Опен АИ“, да бидат оценети со „висок ризик“ според категоризациите на ризик што ги предвидува законот. На овој начин ваквите системи ќе треба да следат строги обврски за безбедност и транспарентност.

Компанијата „Опен АИ“ постојано се борела нејзините системи за генеративна вештачка интелигенција да не бидат сместени во оваа категорија, тврдејќи дека само компаниите кои експлицитно применуваат ВИ треба да се натераат да ги почитуваат правилата. Слични аргументи дале и од „Гугл“ и „Мајкрософт“.

„Опен Аи првенствено користи системи за ВИ за општа намена – на пример, нашиот јазичен модел GPT-3 може да се користи за широк спектар на случаи кои вклучуваат јазик, како што се сумирање, класификација, прашања и одговори и превод“, се вели во необјавениот документ што „Опен АИ“ го испратила до Европската комисија и Советот во септември 2022 година.

Тројца претставници на компанијата се сретнале со претставници на Европската комисија во јуни 2022 година за да ги разјаснат категоризациите на ризик предложени во Законот за вештачка интелигенција.

Извор на Европската комисија за „Тајм“ изјавил дека на состанокот, претставниците на компанијата изразиле загриженост дека регулацијата во ЕУ може да влијае на иновациите на вештачката интелигенција.

„Опен АИ“ претходно не ги откри своите напори за лобирање во ЕУ, за кои се чини дека во голема мера се успешни, затоа што генеративната вештачка интелигенција не е автоматски класифицирана како високоризична во конечниот нацрт на Законот за вештачка интелигенција на ЕУ одобрен на 14 јуни.

Законот, сепак, наметнува поголеми услови за транспарентност на моделите на системите за ВИ како ChatGPT, што ќе бара од компаниите да вршат проценки на ризик и да соопштат дали материјали заштитени со авторски права биле користени за обука на нивните јазични модели.

Како што пишува „Врџ“, се верува дека системите како ChatGPT  се обучуваат на бази на податоци кои се избришани од интернет, вклучувајќи и интелектуална сопственост и материјали заштитени со авторски права. Компанијата „Опен АИ“ вели дека не ги открива изворите на податоците за да спречи нејзината работа да биде копирана од ривали, а доколку ги открие, се тврди дека и другите големи технолошки компании би можеле да станат предмет на тужби за авторски права.

Законодавството за ВИ на ЕУ сега треба да биде разгледано и дискутирано во Европскиот совет. Конечното одобрување се очекува до крајот на оваа година и најверојатно ќе стапи на сила за околу две години.