fbpx

Собранието во прва фаза ги усвои законските измени за изградба на автопатите

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала, додека коалиционите партнери на СДСМ гласаа „против“ или „воздржано“ за предложените измени и дополнувања на осумте закони

-

Предложените измени и дополнувања на осум закони денеска ја поминаа првата фаза на читање во Собранието. Предложените законски измени во прво читање се најдоа пред пратениците по скратена постапка и беа експедитивно усвоени во текот на денешниот ден, но без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за Предлог на закон за дополнување на Законот за земјоделско земјиште, како и предлозите за изменување и дополнување на Законот за експропријација, на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за минерални суровини, на Законот  за работни односи, на Законот за шумите, на Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните Коридор 8 и Коридор 10д. Од дневен ред единствено беше повлечен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културно наследство.

Според координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, предложените законски измени се во функција на овозможување на ефикасна изградба за државните патишта предвидена со Законот за јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија, по скратена постапка.

Пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ одлучија да ја напуштат седницата на која се носат предложените законски измени по брза постапка, велејќи дека се на директна штета на државата, граѓаните и на културното наследство.

„Со овие измени СДС и ДУИ овозможуваат изведувачот да може спротивно на закон да пренамени земјоделско земјиште дури и од прва категорија, во градежно земјиште без да се запазат процедурите согласно постоечкиот закон. Истото важи и за шуми и шумско земјиште, без постапка и почитување на постечките закони. Ваквиот начин е во спротивност и со европската пракса и со најголемиот број закони во светот“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со законските измени повторно власта сака да направи експлоатација на работниците, враќајќи услови за работа кои се искоренети уште пред 100 години, но и обвинуваат дека СДСМ и ДУИ удираат по државниот буџет ослободувајќи го изведувачот од плаќање на даноци, акцизи и царина.

Пратеникот од СДСМ Јован Митрески на денешната седница рече дека со ваквите обвинувања опозицијата сака да наштети на најголемиот инфраструктурен проект во Македонија во последните 70 години, порачувајќи дека не се бега од дебата за законите иако ќе се усвојуваат по скратена постапка.

„Ниту криеме, ниту се брзаме. Од девет закони седум ќе се разгледуваат во комисии што ги предводи опозицијата. Таму може да се отвори расправа за нив“, рече Митрески.

Сепак, воздржани или против при гласањето на предложените измени на осум закони беа пратениците од помалите коалициони партнери на СДСМ: ЛДП, ДОМ, ВМРО-НП, Српската странка и Партијата на пензионери. Против измените и дополнувањата на осумте закони се изјаснија дека се и пратениците на Левица.

Откако поминаа во првата фаза, предложените измени и дополнувања на осумте закони сега се наоѓаат во фаза на второ читање, при што ќе се формираат комисии, па расправата за нив ќе се префрли таму. Потоа законските измени и дополнувања ќе се вратат повторно на гласање пред пратениците во Собранието на РСМ.

ДКСК: Да не се носат законите по скратена постапка

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска упати укажување до Собранието на РСМ по повод најавите за усвојување на законите по скратена постапка.

„Во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, во секторот Политички систем, како еден од приоритените проблеми кои треба да се адресираат е утврдено носењето на голем број на закони во скратена постапка без соодветно образложение за оправданост за овој вид постапка. Од тие причини, во Националната стратегија нагласено е дека е од суштинска важност да се обезбеди рационално користење на инструментот за носење на закони по скратена постапка во Собранието на Република Северна Македонија и подигнување на квалитетот на процесот на носење на законите преку подетално уредување на проценката на влијанието на регулативата“, укажуваат од ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупцијата укажува дека треба да се преиспита најавеното донесување на законите во скратена постапка од причина што со тоа се рушат основните постулати на правната држава, се зголемуваат ризиците од корупција и не се остава простор за јавна расправа за содржината на законсите одредби.

Со предложените измени на законите кои треба да се донесет во скратена постапка се задира во повеќе области меѓу кои и работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина и други. Оттаму, антикорупционерите бараат поширока јавна расправа за да се намалат ризиците од можни злоупотреби, ризиците од корупцијата, како и ризиците од законски решенија чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Денес и утре ќе има прашина од Сахара во воздухот на Балканот

Денес и утре може да се очекува повисоко количество на песок од пустината Сахара низ Балканот, вклучително и во Северна Македонија, известува европската Служба за следење на атмосферата -...