Твитер го означи Би-Би-Си како „медиум финансиран од владата“

Илон Маск на барањето на корпорацијата да ја тргне етикетата, одговорил оти верува дека Би-Би-Си е еден од „најмалку пристрасните“ медиуми

фото: Принтскрин од сметката на Би-би-си на Твитер

Британскиот радиодифузер Би-Би-Си реагира на етикетирањето што го доби на својот главен профил на Твитер, каде е опишан како „медиум финансиран од владата“.

Корпорацијата стапила во контакт со гигантот за социјални мрежи за да го реши проблемот што поскоро.

„Би-Би-Си е, и отсекогаш бил независен. Ние сме финансирани од британската јавност преку надоместокот за лиценца“, велат од Британската радиодифузна корпорација, Би-Би-Си.

Илон Маск на барањето на корпорацијата одговорил оти верува дека Би-Би-Си е еден од „најмалку пристрасните“ медиуми.

Кога од „Би-Би-Си Њуз“ му нагласиле на шефот на Твитер дека корпорацијата е финансирана преку такса што ја плаќаат граѓаните, Маск преку е-пошта одговорил со прашање „Дали етикетата на Твитер е точна?“.

Во посебен мејл, Илон Маск додал: „Ние се стремиме кон максимална транспарентност и точност. Поврзувањето со сопственоста и изворот на средства веројатно има смисла. Мислам дека медиумските организации треба да бидат самосвесни и да не тврдат лажно дека се целосно непристрасни“.

Како што појаснува Би-Би-Си, годишната такса за лиценца што ја плаќаат граѓаните во Обединетото Кралство изнесува околу 159 фунти. Лиценцата е предвидена во Законот за телевизиски содржини или преноси во живо. Лиценцата е предвидена од страна на британската влада, но се плаќа од индивидуалните домаќинства во земјата.

Етикетата што Би-Би-Си ја доби на Твитер се поврзува на интернет-страница на која се вели дека „сметките на медиумите поврзани со државата се дефинирани како изданија каде што државата врши контрола врз уредувачката содржина преку финансиски ресурси, директни или индиректни политички притисоци и/или контрола врз производството и дистрибуцијата“.

Од Би-Би-Си велат дека во нивната повелба се наведува оти корпорацијата „мора да биде независна“, особено во врска со „уредувачките и креативните одлуки, времето и начинот на кој се обезбедуваат услугите, како и во управувањето со нејзините работи“.

Британскиот радиодифузер појаснува дека годишно од владата добива повеќе од 90 милиони фунти за поддршка на светскиот сервис, кој претежно опслужува публика што не е во Обединетото Кралство.

На профилот на Твитер што ја доби спорната етикета, Би-Би-Си најчесто споделува ажурирања за својата телевизиска програма, радио емисиите и поткастите.

Етикетирањето на корисничката сметка на Би-Би-Си доаѓа откако Твитер истото го направи и со профилот на американскиот радиодифузер Ен-Пи-Ар (NPR). Првично, Твитер го опиша Ен-Пи-Ар како „медиум поврзан со државата“, како што е случај со руската „РТ“ и кинеската „Ксинхуа“. Оваа ознака подоцна беше променета во етикетата „медиуми финансирани од владата“.

Ен-Пи-Ар соопшти дека ќе престане да твита доколку етикетата не биде изменета.