fbpx

СЈО: Имаме законска обврска да го бараме „Сопот“ зашто произлегува од „бомбите“

-

Специјалното јавно обвинителство има законска обврска да го побара случајот „Сопот“ бидејќи е поврзан со содржината и со кривичните дела што произлегуваат од еден од прислушуваните разговори кој беше јавно објавен, соопштија денеска од кабинетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

„Како што и претходно појаснивме, врз основа на јавно објавен разговор, побаран е предметот познат во јавноста како „Сопот“, а за да се произнесеме за нашата надлежност врз тој предмет. Сакаме да појасниме дека поднесеното обвинение против обвинетите во случајот „Сопот“ е поврзано со содржината и со кривичните дела што произлегуваат од содржината на разговорот кој се однесува на наведениот случај, па со оглед на ваквата околност, ние имаме законска обврска да го побараме овој предмет, а за да се произнесеме за нашата надлежност врз истиот“, стои во соопштението на СЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатата недела потврди дека го добиле барањето од СЈО, но се обратиле до Советот на јавни обвинители и побарале од него да се произнесе околу тоа дали предметот треба да му биде даден на Специјалното јавно обвинителство.

Од Советот на јавни обвинители засега нема информација дали го разгледале барањето на СЈО и дали има некаква конкретна одлука. Претседателот на Советот, Петар Аневски, минатата недела изјави дека случајот „Сопот“ е стар 13 години и дека Јанева не е надлежна за настани кои се случиле пред 2008 година.

Во врска со ова, од СЈО појаснуваат дека периодот од 2008 до 2015 година наведен во Законот за Специјалното јавно обвинителство се однесува исклучиво на времето кога било вршено незаконското следење на комуникации, но не и на кривичните дела што произлегуваат од нив. Односно, СЈО може да ги истражува кривичните дела независно дали се случиле во периодот меѓу 2008 и 2015 година или, пак, претходно.

„Сакаме да укажеме дека периодот од 2008 година до 2015 година кој е наведен во Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се однесува исклучиво на времето на реализација на незаконски следените комуникациите, а не и на времето кога одреден настан се случил“, децидни се од СЈО.

Инаку, станува збор за судски процес во врска со подметната експлозивна направа, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 Албанци.

Во еден од прислушуваните разговори, што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...