fbpx

Синдикатите против поскапување на струјата, партиите меѓусебно се препукуваат

-

Шест синдикати, неколку здруженија и асоцијации ја осудија вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на струјата за 7,42 отсто. Тие бараат од регулаторите веднаш да ја повлечат ваквата одлука и се револтирани поради тоа што одлуката се носи во екот на најголемата криза од поновото време, кога илјадници луѓе остануваат без работа или добиваат намалување на платите, како и во период кога се обелоденуваат разни малверзации од страна на фирми кои добивале државна помош а не исплаќале плати на вработените.

„Револтира и тоа што одлуката се носи преку ноќ, без никаква јавна консултација, среде лето, пред продолжен викенд и државен празник, кога граѓаните немаат многу простор да реагираат на неа. Одлуката се носи и во пост-изборен период, кога не е конституирано Собранието и нема избрано нова Влада, поради што е спорен и нејзиниот легитимитет, бидејќи ова не е техничка одлука. Ова е политичка одлука, со сериозни политички и социјални последици, која ќе ги засегне сите граѓани на оваа држава на долг период“, се наведува во соопштението на синдикатите.

Тие укажуваат дека многу европски држави во корона кризата донеле одлуки со кои ги одложиле или ги покриле сметките за струја за сиромашните граѓани, или пак ја намалиле цената на струјата, реагираат од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека едно семејство после поскапувањето просечно во годината ќе треба да плаќа 200 евра повеќе за електрична енергија. Тие пресметале дека за граѓаните кои плаќаат во просек сметки по 3.000 денари месечно, поскапувањето ќе биде речиси 1.000 денари.

„Ненародната власт на СДСМ без срам се правда дека сме имале ниска цена на струјата. За жал сега многу земји од регионот ќе имаат пониска цена на електричната енергија од нас, а во исто време и повисок стандард од оној во Македонија. Сега ако се земе само цената на струјата од Македонија поефтина струја плаќаат во Србија, Бугарија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Украина“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од СДСМ велат дека одлуката за корекција на цената на струјата е донесена за да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби предизвикани од последиците на корона кризата.

Од владејачката партија соопштуваат дека евтината тарифа ќе остане на сила во дневните и ноќни интервали исто како и досега, со што граѓаните годишно ќе заштедат 15 милиони евра. Истовремено, жителите на земјава и во иднина ќе плаќаат една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ владееше, а Мицкоски му беше советник за енергетика на Груевски, цената на електричната енергија порасна за 100 отсто, евтината тарифа на струјата беше укината, а државата беше зависна од увоз на скапа струја“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...