fbpx

Штип ја одбележа 80-годишнината од депортацијата на своите сограѓани Евреи

-

Во Штип денеска се одржа комеморација во чест на 80-годишнината од холокаустот кога штипските Евреи биле однесени до скопскиот монопол, од каде биле присилно однесени во нацистичките логори на смртта, информираат од Министерството за култура.

На комеморацијата за злосторството кое никогаш не смее да се заборави говореа градоначалникот на Штип Иван Јорданов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Настанот е организиран од Еврејската заедница во земјава и Фондот на холокаустот, а присутни беа директорот на Комисијата за односи со верските зедници, Даријан Сотировски, заменикот амбасадор на Германија, Ото Граф, ректорот на Универзитетот во Штип, Дејан Мираковски, претставници од Фондот на холокаустот и од еврејските заедници на Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, група Евреи од Израел со потекло од Македонија, голем број граѓани, советници и пратеници од градот,

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека ова се денови кога ни се враќаат спомените за едно големо, до детали разработено злосторство, и кога ниту еден човек не смее да остане рамнодушен кога ќе се изговори зборот „холокауст“.

„И денеска, оживувајќи го споменот за депортацијата на 551 штипски Евреин, ја повторуваме лекцијата за да не ни се повтори историјата. Пред 80 години, на 11 март, од Штип насилно беа протерани сите Евреи само зашто се Евреи. И тие беа однесени зад бодликавата жица кај скопскиот монопол, заедно со еврејските семејства од Скопје и од Битола. Фашистите и нивните слуги имаа план за сите 7.148 македонски Евреи. И го реализираа, во гасните комори на Треблинка“, рече министерката која беше дел од Поворката на живите.

Костадиновска-Стојчевска порача дека во светот има сė помалку живи сведоци што ги преживеале ужасите во логорите на смртта.

„Затоа, со нашата култура на помнење мора да му се спротивставиме на секое негирање на постоењето на холокаустот. Барем ние Македонците знаеме како боли негирањето. Оттаму, и наша морална обврска е да помниме. Она што почна со говор на омраза, а заврши со гасни комори не е толку далечно минато за некои толку лесно да нѐ убедат во ‘нивната’ вистина“, додаде министерката за култура.

На одбележувањето на 80 годишнината од холокаустот, во Штип денес беше промовирана книгата „Евреите од Штип – од доселувањето до холокаустот“ од Мишко Китановски, а по еврејските обичаи беа положени цвеќе и каменчиња на Споменикот на депортираните Евреи, како и на Еврејските гробишта во градот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...