fbpx

„Шпигел“: САД цел век го предводеа светот, дојде времето на Европа

-

САД веќе цел век го предводеа слободниот свет, а по победата на Доналд Трамп, Америка доброволно се откажа од таа улога, пишува германскиот весник „Шпигел“.

Весникот оценува дека е време Европа и Ангела Меркел да ја пополнат таа празнина.

„Во јануари, кога Доналд Трамп ќе положи заклетва како 45. претседател на САД, американската ера ќе ја прослави стотата годишнина, но истовремено тоа ќе биде нејзин погреб“, наведува весникот.

„Шпигел“ констатира дека САД долго време биле ориентир за Западот, но ако Трамп владее како што ветил за време на кампањата, „земјата на слободната волја ќе се откаже од улогата лидер на слободниот свет, а тогаш редот ќе ѝ биде на Европа“.

„Континентот треба да се спротивстави на популизмот, мудро комбинирајќи ги сериозните стравови и соочувањето со гневот, неограничувајќи ја слободата. Крајно време е Европа да почне да ѝ придава поголемо значење на Европската Унија, а шокот поради победата на Трамп може да помогне да се случи тоа“, пишува весникот.

За жал, како што се вели во анализата на „Шпигел“, Европа е во најлоша состојба во последните неколку децении. Британците ја напуштаат ЕУ, делумно од страв од слободата на другите да се населат во Велика Британија, констатира весникот и додава дека многумина истакнуваат дека тоа се прашања што ги делат, а не што ги обединуваат европските држави, кои се оддалечуваат.

„Што ќе се случи со Западот, Европа и со Германија без САД како водечка сила: Германија, која е чедо на Западот, особено на САД и која пркна благодарение на широкоградоста на Америка, сега е во состојба на длабок шок. Американскиот претседател секогаш истовремено беше и наш претседател, барем во извесна смила, а Барак Обама беше достоен претседател на Западот. Сега мора да се снаоѓаме без западен лидер“, наведува „Шпигел“.

Германскиот весник додава дека Европа сега веројатно ќе мора сама да се грижи за сопствената безбедност и тоа во време кога во соседството ѝ се Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Исламска држава.

„Западните лидери – без САД – се соочени со монументални задачи. Германската канцеларка Ангела Меркел е претставничка на јака држава и има силни морални темели, а тоа го покажа за време на бегалската криза. Таа не мора да биде Вудро Вилсон, но би требало да стане одлучен лидер на Европа. Ако тоа не се случи, тоа ќе значи дека не ги препознала знаците на времето“, заклучува весникот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...