fbpx

Шпанија е силен поддржувач на Северна Македонија

-

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски вчера со највисоки државни почести го пречека премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон, кој дојде во прва официјална посета на земјава, информира владината прес-служба.

Ковачевски истакна дека му е задоволство што е домаќин на првата посета на шпански премиер во Македонија и дека оваа историска посета е симбол на речиси 30 години одлични билатерални односи помеѓу двете земји.

„Поддршката на Шпанија за членство на Северна Македонија во Европската Унија е силна, а тоа за мене но и, верувам, за граѓаните претставува особено голема чест. Пред повеќе од 10 дена ја одржавме првата меѓувладина конференција со која ги отпочнавме преговорите со Европската Унија. После донесените тешки одлуки кои бараат лидерство, храброст, одговорност и државничко однесување, направивме уште еден крупен чекор кон остварување на нашата повеќедецениска стратешка цел. Најважно од сѐ, тоа го направивме како Македонци, кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека со отпочнувањето на преговорите, нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично, македонско, наше, ќе остане автентично македонско и во Европската Унија од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна.

„Ние го живееме европското мото секојдневно, нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите. Кажав на неколку наврати и ќе повторам, ние сме подготвени за Европската Унија и со цврст чекор одиме напред кон полноправното членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели како што е Шпанија. Гледаме напред кон европската иднина и држава со европски вредности која ќе им ја оставиме на идните генерации“, додаде премиерот.

Делегациите од двете земји остварија и билатерална средба на која присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

И претседателот Стево Пендаровски го прими премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон, а на средбата Пендаровски истакна дека Шпанија низ годините се покажа како важен партнер на Северна Македонија на билатерален и мултилатерален план и принципиелен поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...