„Градски паркинг“ лани издал над 15.000 нови бесплатни дозволи за паркирање, а отворил само 38 паркинг места [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Наместо да се решава проблемот со паркирање во Градот Скопје, главниот град од година во година се соочува со поголем проблем поради хаосот во паркирањето. Градската администрација и јавното претпријатие „Градски паркинг“ се насочени кон издавање на нови бесплатни дозволи за паркирање, но не и кон изградба и инвестирање во монтажни гаражи, катни гаражи и други јавни површини кои би можеле да се пренаменат во паркинзи.

Од јавно достапните податоци објавени од ЈП „Градски паркинг“-Скопје може да се забележи дека во 2021 година биле издадени рекорден број на бесплатни дозволи за паркирање на категоријата „станари“ – дури 139.819. Во споредба со 2020 година, лани бројот на овие бесплатни дозволи е зголемен за над 15.000. Наспроти ова, јавното претпријатие во 2021 година успеало да пушти во употреба само 38 нови места за паркирање.

Во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2021 година се наведува дека убедливо најголем број на бесплатни дозволи за паркирање биле издадени на подрачјето на Општина Аеродром – 109.537, по што следи зонското паркирање во Општина Центар со 21.713 бесплатни дозволи за паркирање за станарите. Дополнителни 8.533 бесплатни дозволи за паркирање лани биле издадени во „затворените“ јавни паркиралишта.

Постојаниот раст на бројот на возила доведува до тоа бројката на достапни паркинг места од ЈП „Градски паркинг“ да не е доволна за опслужување на граѓаните и компаниите. Во 2021 година ова јавно претпријатие имало 9.434 паркинг места за корисниците на бесплатните дозволи за паркирање на станарите, но и за сите останати категории на граѓани кои со своето возило се обидуваат да пронајдат паркинг место за своето возило во сообраќајниот хаос во Скопје.

Во меѓувреме, Мета.мк веќе пишуваше дека бројот на регистрирани возила во земјава продолжил да расте, заедно со зголемувањето на увозот на возила од странство. Идентична е ситуацијата и во главниот град, каде што бесплатните дозволи за паркирање засега не им вршат работа на станарите поради наголемувачкиот број на дополнителни возила на кои им е потребно паркинг место.

За да биде ситуацијата уште попроблематична во делот на паркирањето, ЈП „Градски паркинг“-Скопје изминативе години нема инвестирано, ниту пак има најава дека во догледно време ќе вложи во изградба на монтажна гаража на некои од постојните паркинзи во Скопје или пак би инвестирал во нова катна гаража за решавање на проблемот со паркирањето.

Наместо ова, новото градско раководство во Скопје на почетокот од годинава се одлучи да ја намали цената на паркирање на оние локации со кои управува ЈП „Градски паркинг“. Па така, Градот Скопје изврши намалување на цените на услугите во зоната А0 од 100 на 75 денари за еден час, во зоната А од 50 на 40 денари, во зоната Б од 40 на 30 денари, а во зоните Ц и Д од 30 на 25 денари за 1 час.

На тој начин, во центарот на Скопје се предизвикува уште поголем притисок врз нивните паркиралишта, бидејќи политиката на ова претпријатие на нивните паркинзи не е усогласена со повисоките цени за паркирање коишто ги нуди ЈП „Паркинзи на општина Центар“ на локациите кои се под нивна контрола.

Конкретен пример за драстично различните цени за паркирање е затворениот паркинг кај Домот за градежници, каде цената на паркирање што ја нуди ЈП „Паркинзи на општина Центар“ е 250 денари за еден час паркирање по возило. Од спротивната страна на улицата „Димитрие Чуповски“, пред гимназијата „Јосип Броз Тито“, ЈП „Градски паркинг“ наплаќа 30 денари од час за паркирање на едно возило.

Поради ваквите разлики меѓу двете јавни претпријатија, бесплатните дозволи за паркирање се безвредни за станарите од централното градско подрачје, кои се приморани да плаќаат дополнителни месечни билети за паркирање на други затворени паркиралишта, поради тоа што на паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“ или на ЈП „ПОЦ“ редовно не може да се пронајде паркинг место.

Инаку, Мета.мк веќе подолго време пишува за потребата од изградба на големи паркиралишта и за воведување на проектот „Паркирај и вози“ на периферијата на Скопје, но и за оваа мерка за која се неопходни инвестиции, засега не постои интерес од скопското градско раководство.