Лидерот на Алијансата за Албанците и кандидат за градоначалник на Општина Струга, Зијадин Села, изјави дека не ги признава резултатите од денешното гласање за локалните избори бидејќи, според него, имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата.

Тој од лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев побара одговор за резултатите во Струга, кои се во корист на Рамиз Мерко од ДУИ.

– Не го признаваме овој резултат – рече Села и најави дека ќе достават жалби до општинската изборна комисија и до Државната изборна комисија.

Тој го обвини Заев дека иако декларативно се залагал за живот, рамноправност и за соживот, успеал уште повеќе да ја продлабочи делбата помеѓу етничките заедници во Струга.

– Имајќи предвид дека демократијата е волја на мнозинството, а мнозинство во Струга е албанското население, кај албанското гласачко тело го имаме победено ДУИ и тоа со длабок резултат од два спрема еден. Останува сега тој да даде одговор. Не сме ги изгубиле изборите. Напротив, ако некој сакал да удира врз мојот легитимитет како претседател на Алијансата на Албанците, ме направил уште посилен. Али Ахмети, те чекам на парламентарни избори – изјави Села.