Секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Ештон Картер, денеска пристигнал во ненајавена посета на Ирак за да изврши увид во напредокот на офанзивата против милитантите на Исламска држава (ИД) во градот Мосул, јавуваат светските медиуми.

Картер, како што пренесува „Би-би-си“, ненадејно пристигнал во Ирак, веднаш по неговите средби со лидерите на Турција во Анкара, на кои било разговарано за вклучувањето на Турција во операциите во Мосул и покрај противењето на Ирак.

Ирачките сили денеска тргнале во нов обид за освојување на градот Мосул, кој е последното упориште на ИД во Ирак.

Според информациите, милитантите на ИД засега пружаат жесток отпор и возвраќаат со самоубиствени напади врз линиите на ирачката војска.

Вчерашниот напад на ИД во градот Киркук, кој се наоѓа на околу 170 километри од Мосул, според најновите информации е завршен, оставајќи зад себе 35 загинати и 120 ранети лица, според болнички извори. Според медиумите, нападот на Киркук имал цел да го оттргне вниманието од офанзивата во Мосул.