Единицата за насилен криминал на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднело кривична пријава против 33-годишниот Н.Б. од Скопје, осомничен дека со месеци малтретирал и изнудувал пари од поранешен колега.

Како што соопшти денеска МВР, на осомничениот, кој се товари за изнуда, судија на претходна постапка му одредил притвор од 30 дена.

Според полицијата, скопјанецот од крајот на август минатата година до средината на октомври годинава, му се заканувал на својот поранешен колега, со кој работеле во супермаркет во Тафталиџе, дека ќе му наштети нему и на неговото семејство доколку секој месец не му дава од 1.000 до 10.000 денари.

Оштетениот, не можејќи да ги трпи повеќе заканите и малтретирањата, случајот го пријавил во полиција, чија екипа кон средината на месецов го уапсила осомничениот.