Штетите од поплавите што го зафатија тетовскиот регион на 3 август минатата година, ќе се санираат парарелно со акцискиот план за превенција од нови поплави, изработен од домашни и од странски експерти.

Според градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, реализацијата на планот ќе зависи од финансиите што треба да ги одвојат Владата и меѓународните организации.

– Се предвидуваат долгорочни и краткорочни мерки, како урбанизација на средините зафатени од поплавите и проектирање на речните корита, нешто што мора да се направи за Шипковица, за реката што минува таму да не предизвикува толкави проблеми. Во однос на Тетово, неопходно е расчистување и обнова на браните. Мора дa се работи и на подигнување на свеста за правилен однос кон срединатa и нејзина заштита. Но, сето ова мора да се прави по институционален пат, врз основа на проектирање со долгорочни ефекти, а не со привремени парцијални решенија – изјави Арифи.

Вкупната штета од поплавите изнесува околу 23 милиони евра. За санирање на штетите, но и за реализација на акциониот план, помош понудија од УНДП.

– УНДП ќе ги стави на располагање своите ресурси, вклучувајќи ги и финансиските можности за поддршка во реализацијата на овој акционен план. Ова е и во согласност со политиката на Обединетите нации според која, секој долар вложен во спречување на штетите заменува седум долари што се трошат во справувањето со последиците од природна непогода – изјави претставничката на УНДП, Луиза Винтон.

Во големотo невреме што го зафати Тетовско на 3 август минатата година, загинаа пет лица, многу семејства останаа без домови, а земјоделската површина беше целосно поплавена.