ПЕС: Моменталните услови не гарантираат слободни и фер избори

На состанокот на претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), на кој присуствуваше и заменичката на претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска, ПЕС изрази целосна поддршка на заложбите за фер и демократски избори во Македонија, информираат од партијата.

– ПЕС го поддржува ставот на својата придружна членка СДСМ дека актуелните услови во Македонија не гарантираат слободни и фер избори и инсистираме на тоа дека прочистувањето на избирачкиот список и потребните реформи во медиумите мора да се спроведат пред одржувањето на изборите – наведено е во декларацијата на ПЕС за Македонија, усвоена вчера.

ПЕС бара доследно спроведување на сите реформи предвидени со Договорот од Пржино.

– По избувнувањето на кризата, двете најголеми партии, придружната членка на ПЕС, СДСМ, и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, постигнаа Договор со посредство на Европската унија минатото лето. Договорот предвиде низа реформи во делот на медиумските слободи и на изборното законодавство. Оттогаш, владејачката партија, која доаѓа од редовите не ЕПП, постојано го попречуваше реформскиот процес, што само се потврди со распуштањето на македонското собрание на 19 јануари и одлуката да се оди на предвремени избори – оценето е во декларацијата на ПЕС за Македонија.

ПЕС посочува дека одлуката за распуштање на парламентот е донесена од страна на власта без исполнување на главните услови од Договорот од Пржино.