Кандидатот за номинацијата на демократската партија за претседател на САД, Берни Сандерс, изјави дека на изборите во ноември ќе гласа за својата ривалка Хилари Клинтон.
Сандерс утринава, гостувајќи на американската телевизија „Ем-ес-ен-би-си“, на прашање дали во ноември ќе гласа за Клинтон, одговори потврдно.
Сенаторот од Вермонт, кој сè уште официјално не се откажа од трката за номинација, истакна дека неговата главна цел е да спречи Доналд Трамп да стане претседател на САД.
Сандерс, меѓутоа, исто така ја отфрли идејата дека би требало да се повлече од трката за номинација на Демократската партија, иако Клинтон веќе освои дополнителен број делегати за официјална номинација.
Тој истакна дека тоа што не се откажа од трката и официјално не ја поддржа номинацијата на својата ривалка, не предизвикува разединетост во Демократската партија.
– Вие велите дека тоа е разединетост. Јас велам дека станува збор за вклучување на Американците во политички процес – истакна Сандерс.
Изборите во САД ќе се одржат на 8 ноември.