Само две жени во земјава ја извршувале функцијата ректор на државните универзитети

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Разочарувачки се податоците од истражувањето на Порталб.мк за застапеноста на жените ректори на државните универзитети во Северна Македонија. Имено, од вкупно 53 ректори на јавните универзитети, само две биле жени. Невладините и експертите алармираат, а државните органи се правдаат.

Во земјава само универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) имале жена за ректор. Радмила Кипријанова во периодот 1995-98 на УКИМ и Виолета Пановска Бошкоска во периодот 2003-07 на УКЛО.

Меѓу многуте ректори низ годините на државните универзитети од нивното основање до денес во земјава, жените останаа незастапени во оваа улога, и тоа:

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, од 1949 година имало 22 ректори, а само една била жена.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, од 1979 година има 12 ректори, само една била жена.

На Универзитетот „Фадил Сулејмани“ – Тетово од 1994 година имало седум ректори, од кои ниту една жена.

На Универзитет на Југоисточна Европа (јавно-приватен) – Тетово/Скопје, од 2001 година имало тројца ректори, од кои ниту една жена;

На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од 2007 година имало тројца ректори, ниту една жена;

На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, од 2009 година имало четворица ректори, од кои ниту една жена;

На Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје од 2016 година имало двајца ректори, од кои ниту една жена.

Граѓанското општество алармира: Скандалозно претставување

Според Форумот за промени во образованието (ФПО), горенаведените податоци се скандалозни и еден од многуте неуспеси во високото образование во Северна Македонија.

„ФПО смета дека немањето ниту една жена ректор влегува во долгата „листа“, од илјадници страници, неуспеси. И тоа, не затоа што жените треба да бидат назначени на оваа позиција само поради фактот дека се жени, туку и поради самиот факт дека во однос на структурата на образованиот и квалификуван кадар во нашето општество, застапеноста на жените е поголема во споредба со мажите. Податоците дадени од Форумот за промени во образованието велат дека 59,5 проценти од дипломираните студенти во периодот 2000-2020 година се жени, исто така, бројот на жени со одбранети магистерски трудови е поголем од оној на мажи, а 60,1 отсто од магистрите во 2019 и 2020 година биле жени, истото важи и за докторските дисертации, при што 59,8 отсто докторанди во земјава се жени. Неколку пати нагласивме дека процедурата за избор на ректори на државните универзитети во Северна Македонија треба целосно да се промени, покрај родовата дискриминација, сметаме дека изборот на ректорите не е транспарентен, нема вистинска конкуренција (со програми од кандидатите), а вклучувањето на студентите во оваа постапка е речиси нула“, потенцираат од Форумот за промени во образованието (ФПО).

Според нив, тоа се случува од повеќе причини.

„Податоците на Форумот за промени во образованието (ФПО) говорат дека жените во нашата земја ги поседуваат сите потребни услови за извршување на должноста ректор на јавните универзитети. Како и многу други јавни позиции во Северна Македонија, позицијата на раководител на универзитет ја заземаат мажи, па затоа, практиката долги години кога само две жени биле ректори на универзитетите, тоа и на Универзитетот „Кирили и Методиј“ и Универзитетот „Климент Охридски“ ги тера жените да се колебаат да влезат во оваа „трка“ и тоа е обесхрабрувачки за нив. Податоците на кредибилните институции за мерење на квалитетот на универзитетите во Северна Македонија се вознемирувачки и алармираат за итни промени во процедурите за избор на ректори, измени кои Форумот за промени во образованието неколкупати ги бараше.

Од друга страна, од Иницијативата за родова еднаквост „Gender Equality Now” („Родова еднаквост сега“) велат дека реалноста во која се наоѓаме е горчлива, бидејќи кај нас високо образование завршуваат повеќе девојки отколку момчиња и тие повторно остануваат незастапени на такви позиции.

„Ако се задржиме во областа на образованието, она што го забележуваме е дека најголемиот број жени кои работат во оваа област се во основните училишта, особено во нискиот циклус. Можеме да забележиме намалување на бројот на жени во повисоките класови во основното образование, и во средните училишта, а особено на универзитетите, каде бројот на жени професорки значително се намалува. Сметаме дека има способни професорки, кои без никаков проблем можат да бидат на чело на највисоките образовни институции во државата, и најверојатно тогаш состојбата на овие универзитети ќе се подобри, бидејќи за жал нивното рангирање на престижните меѓународни листи е исклучително слабо“, велат од Gender Equality Now.

Експерти: Борбата за поголема рамноправност и застапеност, тешка, но не и невозможна

Универзитетската професорка Линда Зибери, која има дваесетгодишно искуство во академската област, ова ниво на претставување го смета за разочарувачко и алармантно. Според неа, ваквата статистика е само одраз на сите останати статистики за родовата застапеност во нашето општество.

„Покрај сите други бариери со кои се соочуваат жените во другите институции, овде го имаат и процесот на академска меритократија, кој е многу ригиден и според карактерот мачоистички. Овој тип на меритократија го отежнува напредувањето на жените и во високообразовните институции на најразвиените земји во светот, каде што е постигната некаква рамноправност во другите сфери, а камоли во Северна Македонија, каде што се жените соочуваат со основни бариери во секојдневниот живот. Нормално, мој став е, дека ова е апсолутно неприфатливо во денешно време. Уште повеќе што денес дека имаме тренд на пораст на бројот на студентки на универзитетите, број што на некои универзитети често го надминува бројот на машки, како и статистика која покажува дека на глобално ниво на универзитетите девојките постигнуваат поголем успех од момчињата. Многу е разочарувачки да се види дека овој успех потоа не се одразува на нивните кариери, како во другите сфери, така и во високообразовните институции“, рече Линда Зибери.

Наставникот и познавач на образовниот систем во земјава, Сатки Исмаили вели дека ваквата застапеност на жените во оваа сфера е проблем кој треба да се намали и да се најде решение. Тој нагласува дека ако се споредат и најдобрите универзитети на глобално ниво, излегува дека истите се предводени од жени.

„Со слични предизвици се соочувале и најпрестижните универзитети во светот, особено Универзитетот Харвард, каде што вклучувањето на жените во текот на 1970-тите беше многу мало, но жените се изборија за сооднос еден спрема еден, во приемот на мажи и жени, наместо сооднос од четири еден при што, почнувајќи од 1977 година, бројот на жените постепено се зголемуваше сé додека во 2007 година стигнаа до еднаквост. Ова кажува дека не треба да имаме предрасуди дека жените не можат да бидат успешни на позицијата ректор на универзитет“, нагласи Сатки Исмаили.

Што се однесува до тоа зошто тоа се случува, професорката Линда Зибери смета дека има три клучни фактори: индивидуален, општествен и административен.

„Во однос на индивидуалните фактори, постојат два важни аспекти во застапеноста на жените во високообразовните институции. Како прво, жените немаат можност, интерес или време да се занимаваат со сериозна научна работа. Второ, мажите во овие институции намерно дискриминираат затоа што не сакаат да ја делат власта со жените. Што се однесува до административниот фактор, тој е поврзан со процесот на академска меритократија што ја бараат високообразовните институции, со цел напредување до ранг редовен професор на високообразовните институции, ранг што е потребен и за кандидирање за ректор. Многу истражувачи веќе забележале дека типичниот пат за кариера во академската заедница е структуриран според машката перцепција за успехот, што вклучува да се биде активен во научно истражување, објавување, патување на конференции дома и во странство, како и подложување на ригорозна истражувачка проценка. Следниот фактор е општествениот, а ние сме свесни за родовите стереотипи и дискриминација што е присутна во нашите институции. На пример, знаеме дека особини како компетентност и авторитет обично се поврзуваат со луѓе на високи позиции во институциите, а поради културните и стереотипните верувања, ние обично ги поврзуваме овие особини со мажите. Затоа, постои јасна корелација меѓу родот и повисоките позиции во организации или институции во нашето општество, каде мажите јасно доминираат“, нагласува Зибери.

Таа заклучува дека можеби имаме професорки подготвени за ректори, но токму поради горенаведените фактори нивниот број е многу мал и не се доволни.

Од друга страна, Исмаили наведува дека во земјава универзитетите треба во своите стратегии за развој да ги вклучат приоритетите за застапеност на жените на раководните позиции, вклучително и како ректори.

„Во Република Северна Македонија има професорки кои се докажани во многу универзитетски професионални аспекти, но скептицизмот дека нивните шанси се минимални за овие позиции, со оглед на тоа што институционалната и општествената поддршка е воопшто многу мала, ги тера интересот да им е под секое ниво. Во РСМ треба да се покренат иницијативи, зошто да не се сензибилизира и општеството, така што можностите да бидат еднакви и за мажите и за жените за лидерски позиции на универзитетите и оваа задача не треба да се гледа во контекст на родот, туку во контекст на лидерските вештини, како и докази за поседување соодветни компетенции за кариера“, заклучува Исмаили.

Министерство за образование: Родовата перспектива е вклучена во нашите политики

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека високообразовните институции се автономни и самостојно ги избираат своите раководства.

„На јавните огласи за избор на ректор може да се пријави секој кој ги исполнува условите и изборот се врши согласно одредбите од Законот за високо образование и статутите на универзитетите“, велат од МОН.

Инаку, на приватниот универзитет „ФОН“ во моментов има само една жена ректор – Билјана Пулеска Јанушевска. Додека другите приватни универзитети во земјава имаат мажи ректори, поточно Меѓународниот балкански универзитет, Меѓународниот универзитет Визион и Универзитетот Американ колеџ.