Родители бараат онлајн настава, МОН децидни – од септември ќе се учи во училница

-

„Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021 година“ е името на групата на Фејсбук, која брои околу 3.500 членови, а која деновиве „врие“ од коментари поврзани со стартот на новата учебна година. Многумина родители најавуваат дека нема да ги пуштат децата на училиште бидејќи како што велат, здравјето им е приоритет. Сепак, и покрај барањата наставата да се изведува онлајн, надлежните во Министерството за образование и наука за „Мета.мк“ потврдија дека часовите од септември ќе започнат со физичко присуство за основците и за средношколците во државата.

– Најмалите ученици нема да можат да ги почитуваат беспрекорно содржаните мерки за заштита од предложените протоколи. Невозможно е да се обезбеди физичка дистанца помеѓу нив, и невозможно е маската која ќе ја носат да остане цело време неконтаминирана. Јадењето во училница исто така преставува сериозен предизвик. Здравјето на најмалите не смее да биде ставено на тест. Тоа за нас е неприфатливо. Исто така, останува проблемот во есенскиот временски период, ќе се измешаат настинките, инфлуенца и грип со ковид-19 и тоа ќе биде страшно, посебно што здравствениот систем ќе колабира. Проблемот останува исто така и кај поголемите деца, особено кај средношколците. Не е решен јавниот превоз, секојдневното негово користење е дополнителен ризик на кои ќе бидат изложени. Еден родител на децата под 10-годишна возраст да биде ослободен од работните обврски, имајќи ја во предвид возраста на децата и неможноста за самостојно престојување дома, особено сега кога нема да има целодневна настава. Без исклучок ова барање треба да биде овозможено пред се за ранливите групи (хронично болни, родители на деца со посебни потреби, еднородителски семејства и сл.) – стои во барањата на родителите кои инсистираат наставата да биде онлајн.

Според нив, онлајн алатка која според искуството на родителите и наставниците/професорите во изминатиот период има дадено најпозитивни критики е Microsoft Teams. Истата, како што велат, може комплетно да одговори и на видео конференциско предавање и за многу кусо време сите страни ќе можат успешно да ја совладаат.

– Освен тоа и ситуацијата во училиштата отсликува стари неодржани инвентари, истрошени тоалети, расипани чешми во многу мал број, немање сапуни и други основни хигиенски средства, да не зборуваме за средства за чистење а особено персоналот кој би ја одржувал таа силна хигиена која се наведува како предуслов. Моменталната состојба и вкупниот персонал со кој располагаат училиштата во целата држава невозможно е да се постигне потребното ниво на хигиена и социјална дистанца. Добивме многу поплаки дека повеќе училишта немаат постојано вода за пиење, а зборуваме за одржување на особено високо ниво на хигиена во услови на пандемија. Знаеме дека нема да биде лесно, но цврсто сме одлучени да помогнеме учебната 2020/2021 година нашите дечиња да ја започнат наставата онлајн бидејќи компромиси со животот не се дозволиви – велат во групата.

„Мета.мк“ побара одговори од Министерството за образование и наука (МОН) во врска со барањата на родителите. Таму деновиве се прецизираат деталите околу тоа, како ќе изгледа наставата и на што сè треба да се внимава. Заменичката министерка Елизабета Наумовска, вели дека како институција, остануваат на ставот дека наставата ќе започне во училница.

– Обединетите нации препорачуваат настава со физичко присуство, а ние сме членка на ОН и тоа е генерална препорака. Сите држави во светот меѓу кои и соседните, ќе започнат со физичко присуство. Не само од аспект на она дека учениците во училница повеќе ќе научат, туку и од аспект на социјализација, на менталната и емотивна состојба на ученикот. Апсолутна гаранција дека на училиште не може да се зарази, никој никаде не може да понуди. Јас тврдам дека децата ќе бидат побезбедни во училиште под надзор на нивните наставници на час, кога мора да носат маски и да мијат раце. Дали самите родители можат да гарантираат дека нивните деца нема да заболат? Сигурно ќе се побезбедни во училиште одошто во кафетерии или во паркови, каде што секојдневно си играат помалите дечиња – вели Наумовска.

Работната група во МОН денеска има состанок за да го конкретизира моделот за основно образование. Се инсистира сè да биде завршено до понеделинк. Она што ќе биде договорено денеска, ќе биде предложено до Кризниот штаб и до Владата. Се очекува утре и состанок со министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерката Мила Царовска.

– Водиме сметка за сите детали. Бирото за развој на образованието (БРО) инсистира часот да трае 40 минути, но јас лично мислам дека шест или седум наставни часови децата нема да можат да ги издржат под маски, тоа би било товар за нив. Ставовиве во однос на тоа прашање ни се различни со БРО, но ќе ги усогласиме многу скоро. Сметам дека има начин и за 25 минити наставата да е ефективна, наставниците си имаат начин и методологија како да постигнат резултати – вели Наумовска.

Како што информира таа, МОН има подготвено и комбиниран модел – онлајн настава и настава со физичко присуство. Онлајн настава би имало само ако во одредено населено место пламне епидемијата. Во тој случај ќе се користи една платформа, за да се избегнат ситуациите од минатото, кога децата еден час имаа на „Вибер“, друг на „Зум“, трет на „Гугл класрум“.

Митева: Воспоставена е комуникацијата со ИТ компаниите за ваучери од 250 евра за секој студент

Од страна на Владата е почната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување...