fbpx

Во Скопје нема, а помали градови низ Европа имаат успешни системи за изнајмување велосипеди (инфографик)

-

Во Скопје веќе трета година не функционира системот за изнајмување велосипеди основан од градските власти. Градот Скопје две години ветува воспоставување на нов јавен систем за самоизнајмување велосипеди, но досега активностите се сведени на изработка на проектната документација за идните 30 пунктови за изнајмување што би се поставиле на различни локации низ главниот град.

„Мета.мк“ веќе контактираше дел од експертите, граѓанските иницијативи и еколошките здруженија, при што сите се сложија дека скопските градски власти треба најитно да се посветат на воведување на еден ваков проект, преку кој граѓаните и посетителите на Скопје ќе можат да едноставен, економичен и брз начин да изнајмат велосипед за патување меѓу дестинации во градот. Професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола советува и за интегрирање на велосипедскиот сообраќај со скопскиот јавен превоз.

Системот за изнајмување велосипеди „BicikeLJ“ во Љубљана. Фото: Б.Блажевски

Во многу градови во светот постојат неколку различни модели за основање на систем за изнајмување велосипеди од страна на општинските власти, а во случајов ќе ги разгледаме позитивните примери од градови коишто се помали од Скопје, а веќе успеале уште пред неколку години да воспостават еден ваков автоматизиран систем.

Љубљана, Словенија

Еден од најстарите и најуспешни проекти од ваков вид во Југоисточна Европа е системот „BicikeLJ“ во Љубљана. Словенечкиот главен град минатата година беше рангиран на 14-тото место на листата на 20 градови во светот со најдобри услови за користење на велосипедскиот превоз. Еден од главните причини за ваквиот успех на Љубљана е токму достапноста на јавните велосипеди на речиси секоја пофреквентна локација во градот.

Автоматизираниот систем за изнајмување велосипеди „BicikeLJ“ беше пуштен во работа на 12 мај 2011 година, и тоа како проект вреден 1,8 милиони евра заснован на јавно-приватно партнерство во кое учествуваат општинските власти на Љубљана. Од основањето до денес, забележани се над 7 милиони изнајмувања на велосипеди во градот што е повеќе од двојно помал од Скопје според бројот на жители.

Љубљана има 61 пункт за изнајмување велосипеди на различни локации и вкупно 610 јавни велосипеди што можат да ги користат граѓаните. Првиот час за користење на велосипедот секогаш е бесплатен за граѓаните, а просечното време за изнајмување велосипедите е 16 минути, што значи дека најголем дел од граѓаните воопшто не плаќаат за секое одделно патување со ова превозно средство низ градот, објаснуваат љубљанските општински власти на нивната веб-страница.

Овој систем за изнајмување велосипеди беше автоматизиран уште од самиот негов почеток, а низ годините, единствено се зголемил бројот на велосипедите, локациите од каде истите можат да се изнајмат и интегрираноста со јавниот градски превоз. Љубљана почнала со имплементација на овој систем со 300 велосипеди и 30 станици за изнајмување велосипеди.

Загреб, Хрватска

За разлика од Љубљана, во хрватскиот главен град функционира системот „NextBike“, којшто е во сопственост на специјализирана компанија за изнајмување велосипеди што функционира во над 250 градови низ целиот свет. Во Загреб таа воспоставила 18 станици за изнајмување велосипеди, а граѓаните можат да бираат за каков модел на изнајмување на јавните велосипеди ќе се одлучат. Со пакетот со кој секоја индивидуа плаќа по 1.645 денари годишно, можат да се изнајмуваат велосипеди неограничен број на пати во текот на 12 месеци во времетраење од 30 минути. Покрај во Загреб, „NextBike“ функционира уште во девет други хрватски градови, а досега има 22.000 регистрирани корисници во Хрватска.

Катовице, Полска

Успешен пример за изнајмување велосипеди има и во полскиот град Катовице, којшто е двојно помал град од Скопје. Проектот „CityByBike“ е основан во мај 2015 година и слично на досегашниот систем во Скопје, функционира единствено сезонски од април до ноември во текот на една година. Станува збор за воспоставен систем на јавно-приватно партнерство меѓу општинските власти и компанијата „NextBike“.

Во Катовице само во текот на 2019 година имало 261.800 изнајмувања на јавните велосипеди, а над 64.000 луѓе се регистрирани за користење на овие велосипеди во градот што брои околу 300.000 жители. Катовице денеска има 83 станици за самоизнајмување велосипеди и вкупно 666 јавни велосипеди. Меѓу нив, има 20 карго велосипеди со кои граѓаните можат да превезат товар до 100 килограми или да патуваат со максимум четири деца со едно вакво превозно средство.

Интересно е тоа што во Катовице дури една третина од станиците за изнајмување велосипеди се донирани од спонзори, општествено одговорни компании, кои во соработка со општинските власти се одлучиле да помогнат во воведувањето на еколошки и здрав превоз за граѓаните преку донирање на ваквите терминали.

Овие три града се само многу мал дел од позитивните примери во кои системот за изнајмување велосипеди помогнал во ублажувањето на сообраќајниот хаос, во потпомагањето на јавниот превоз во вршењето на неговата функција, како и во стекнувањето здрави навики на жителите од овие градови. Скопските градски власти можат да применат дел од ваквите позитивни практики, особено поради фактот што Загреб и Љубљана се збратимени градови со Скопје и општинските власти имаат континуирана меѓусебна комуникација низ годините наназад.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...