fbpx

Реклама за казино претставена како сатанистички ритуал во црква во Украина

Со помош на вакви невистини, се зајакнува наративот кој Кремљ долго време го форсира по медиумите и социјалните мрежи, дека Украинците се сатанисти кои без рускиот свет го губат вистинското „канонско“ православие

-

Видео во кое се гледаат пејачи, маскирани и нашминкани како ѓаволи, кои пеат на украински, се користи од страна на руската пропаганда за да се дезинформира јавноста дека е снимено во украинска црква и како небаре Украина е сатанистичка и демонска. Но, ова видео не е снимено во црква во Украина, ниту е некако поврзано со религија, како што се тврди во објавата, туку е реклама за казино, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук споделено е видео на кое се гледаат лица маскирани во ѓаволи како играат и пеат, а според објавата, ова наводно е снимено во црква во Украина. Но, тоа не е вистина, видеото нема никаква поврзаност со религија.

Во црква во Украина.. Подршка има ли од северџанија????

Видео во кое се гледаат лица преправени во ѓаволи како пејат на украински се користи од страна на руската пропаганда за да се дезинформира јавноста дека ова е снимено во украинска црква и дека Украина е сатанистичка и демонска. Според објавите во руските пропагандни медиуми, видеото наводно е објавено на 6 јануари односно на Бадник според јулијанскиот календар. Хорот од ѓаволи (актери со маски со рогови на главите) пее на украински за тоа како на Украинците им треба трпение и упорност за да победат.

Но, ова видео не е снимено во црква во Украина, ниту е некако поврзано со религија, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.

На видеото што се споделува, може да се забележат симболите на украинската телевизија Канал 24, а часот кој се прикажува е 11:10. Од StopFake ја пребарале архивата на преносите на Канал 24 за 6 јануари во 11 часот попладне и откриле дека програмата „Реалии: Сè е за војната“, била емитувана во тоа време и немало видео со ѓаволи.

Ова видео, кое Русија го искористи за ширење на дезинформации, всушност е реклама за онлајн казино. Станува збор за цел серијал на видеа во кои „ѓаволите“ се појавуваат на различни начини и вакви видеа се објавувани уште од пред неколку месеци. Во оваа ситуација искористено е видеото во кое компанијата на сите им ја честита Новата година. Видеото нема никаква врска со религијата или тамошната православна или било која друга црква, ниту, пак, е официјална честитка за Божиќ од Украинците.

Исто така, важно е да се напомене дека во Украина постои закон за рекламирање, според кој рекламирањето на онлајн казино може да се прикажува само од 23:00 до 06:00 часот. Па, така, емитувањето на вакво видео во етер во 11:00 часот претпладне не е можно, бидејќи тоа би значело кршење на законот.

Со помош на вакви невистини, се зајакнува наративот кој Кремљ долго време го форсира по медиумите и социјалните мрежи, дека Украинците се сатанисти кои без рускиот свет го губат вистинското „канонско“ православие.

Според сите набројани факти заклучуваме дека ова видео не е снимено во црква во Украина, нема врска со религија, туку е реклама за казино. Затоа објавата ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...