Прв скопски извиднички одред: Сведочењата за „Есенски бакнежи, прегратки“ се извадени од контекст

Фото: ФБ, PrvSkopskiIzvidnicki

Организаторот на настанот „Секс, извидници и рокенрол“, Прв скопски извиднички одред (ПСИО) се огласи со соопштение по наводите во јавноста дека на овој настан имало недолично однесување. Според соопштението на извидниците, официјалното име на настанот било „Есенски бакнежи, прегратки 2021“ и тој се одржувал веќе 12 години, а имал за цел да ги спои основите на рок музиката, извидничките вештини и сексуалното образование.

„Раководството на ПСИО внимателно ги разгледа коментарите и ставовите околу случајот и смета дека сведочењата за настанот се извадени од контекст“, се вели во соопштението.

„Настанот е наменет за категоријата постари извидници (постари малолетници над 16 години). На овој настан учестуваа 32 учесници доборволно пријавени во екипи по 4 лица преку своите матични одреди и 10 волонтери од ПСИО. Акцијата се креира од млади за млади и се одржуваше во безбеден простор, во забавна и младинска атмосфера, и секој учесник имаше можност да пријави доколку се почувствува непријатно“, се вели понатаму во соопштението.

Оттаму посочуваат дека настанот не претставувал никаква манифестација на неморал, блуд или сексуално вознемирување и сметаат дека многу делови од игрите се погрешно протолкувани.

„Сакаме да упатиме жалење до сите страни кои беа неправедно вклучени, особено наши актуелни и поранешни донатори, а особено до ХЕРА која никогаш немала свој претставник на настаните, ниту пак финансиски го поддржувале овој настан“, велат извидниците.

Тие додаваат дека жалат што ваква медиумска покриеност не се случи никогаш кога организирале крводарителски, хуманитарни, еколошки акции, активности за социјална инклузија и кохезија.

Инаку, настанот стана познат во јавноста откако анонимни родители во изјава за одреден медиум посочиле дека нивните деца, кои биле присутни на настанот се пожалиле за недолично однесување.

Ваквите пишувања речиси веднаш беа искористени за креирање на дезинформации дека всушност ваквото недолично однесување било дел од сексуалното образование што е дел од новите реформи на образовниот процес.

Исто така, повеќе медиуми објавија дезинформации дека финансиери на овој настан биле организацијта ХЕРА и Фондацијата отворено општество Македонија. Двете организации го негираа тоа и испратија деманти до јавноста и медиумите.

Всушност, донатор за организација на настанот бил Градот Скопје и градоначалникот Петре Шилегов, кој откако случајот беше објавен во јавноста, објави дека го раскинува договорот со Прв скопски извиднички одред.