Промовирани нови 29 поручници во редовите на АРМ [Галерија]

Фото: Министерство за одбрана, 27 јуни 2022

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска се одржа свеченост на којашто беа промовирани новите 29 поручници во служба на Армијата на Република Северна Македонија (АРМ), кои поминаа шест месечен курс за стручно оспособување.

Од нив, 12 се жени, а 17 мажи.

На свеченоста присуствуваше и се обрати заменикот министер за одбрана, Башким Хасани кој упати честитки до новите офицери.

„Поминавте интензивна шестмесечна обука која за прв пат беше спроведена согласно НАТО стандардите. Поминавте низ еден процес на тренинг спроведен во две фази од професори и предавачи на Академијата кои опфаќаат општа воена и специјалистичка обука, постигнавте високи оцени. Одговорноста пред вас е голема, бидејќи сте дел од најважниот столб на татковината, столбот на државноста и сувереноста“, истакна Хасани.

Заменик-министерот за одбрана порача дека земјава не е во најголемите во НАТО, ниту во воено најсилните, но дека треба да биде побрза и поамбициозна.

На крајот од своето обраќање Хасани упати порака до сите идни и сегашни студенти дека Армијата има потреба од млади и квалификувани лица и дека со предлог измените на Законот за служба во Армијата, ќе се стипендираат студенти од прв циклус на студии за критичните специјалности за потребите на нашата Армија. Стипендијата ќе биде во висина до 80 отсто од просечната месечна нето плата во државата во зависност од студиската година која ќе се стипендира, а по завршување на студиите, стипендистите ќе бидат примени во Армијата.