Откако пред два дена во центарот на Приштина улични кучиња искасаа двегодишно дете по лицето, градоначалникот Перпарим Рама одлучи да започне акција за отстранување на кучињата скитници од улица и нивно испраќање во прифатилишта со лиценца од косовската Агенција за ветеринарство и храна (АВУК), каде што ќе бидат соодветно третирани и потоа подготвени за посвојување, пренесоа косовските медиуми.
Исто така, надлежните најавија и дека сите кои ќе пројават интерес за посвојување кучиња ќе бидат субвенционирани со 50 евра месечно.
Почетокот на оваа акција го следеа и директорот за безбедност и вонредна состојба, Лулзим Фуштица и неколку општински советници.
„Оваа активност ќе продолжи и во следните неколку дена. Целта е кучињата да се извлечат од улица и да влезат во прифатилиште лиценцирано од АВУК, каде што ќе се третираат хумано, а општината ќе продолжи да го субвенционира прифатилиштето за кучињата што ќе ги чува, каде што ќе ги подготвиме и за посвојување“, се цитира Фуштица во соопштението на општина Приштина.
Од општината велат и дека ја подготвуваат регулативата за третман на кучињата скитници во која е опфатено како може да се вдоми вакво куче, кое во секое време бесплатно ќе го лекува ветеринар во приштинскиот ветеринарен центар.
„Ќе субвенционираме и граѓани кои се заинтересирани да вдомат кучиња. Лице што земe куче ќе се субвенционира со 50 евра месечно. Граѓаните можат да земат до 5 кучиња“, изјави директорот за безбедност и вонредни состојби, Љуљзим Фуштица.
Приштина презема бројни акции за лекување на кучињата скитници, за што досега се издвоени 1 милион и 300 илјади евра.
„Проблемот со кучињата е голем, начинот на кој досега се третираше не беше успешен. Врз основа на пресметките на невладините организации, имаме податоци за над 3.000 кучиња скитници. Кучињата ќе бидат чипирани и ќе има казни за оние семејства кои ќе ги вдомат и пак ќе ги пуштат“, рече Рама.