Започна исплатата на последната рата од студентските стипендии за годинава

Предвидено е студентите во една академска година да добиваат стипендии за вкупно девет месеци, при што последната – деветта рата - се исплаќа за јуни

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Денеска започна исплатата на последната рата од државните стипендии што ги добиваат студентите на додипломски студии, потврдија повеќе студенти за Мета.мк.

Се очекува во наредниве денови стипендиите да им бидат исплатени на сите студенти. Со ова, МОН ги заокружува сите финансиски обврски кон студентите, кога се во прашање стипендиите за оваа учебна година.

Предвидено е студентите во една академска година да добиваат стипендии за вкупно девет месеци, при што последната – деветта рата – се исплаќа за јуни.

Повеќето категории на стипендии се во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.