fbpx

Прекинати антитерористичките мерки во Москва, Шојгу за првпат во јавноста по бунтот на Вагнер

Рускиот министер за одбрана не го коментираше бунтот, за време на кој шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин побара од него да се сретнат во Ростов пред да го прекине бунтот

-

Градоначалникот на Москва ги укина „антитерористичките“ безбедносни мерки што ги воведе во текот на изминатиот викенд, кога силите на Вагнер се заканија оти ќе упаднат во градот.

Сергеј Собјанин ја објавил одлуката на Телеграм, заблагодарувајќи им се на жителите за „смиреноста и разбирањето“, пренесува Би-би-си.

Ројтерс објави дека рускиот национален антитерористички комитет, во посебна објава соопштил дека ситуацијата во земјата е „стабилна“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пак, за првпат по бунтот на Вагнер се појави во јавност и тоа во видео каде што ги посетува војниците во Украина, пренесе „Гардијан“, повикувајќи се на руската новинска агенција Риа.

Шојгу не го коментираше бунтот, за време на кој шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин побара министерот за одбрана на Русија да се сретне со него во Ростов пред да го прекине бунтот.

Во меѓувреме, руските напади врз Украина продолжија и изминатово деноноќие. Како што пренесе Укринформ, руските трупи го нападнале регионот Херсон 95 пати, при што биле истрелани 644 проектили. Русија користела минофрлачи, артилерија, ракетни системи, тенкови, беспилотни летала и авиони.  Проектили го погодиле и градот Херсон, при што еден цивил загинал, а седуммина биле повредени.

Во последните 24 часа, три повредени лица се регистрирани и во регионот Доњецк, каде Русија исто така извршила напади.

Инаку, заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар информираше дека на крајот од минатата недела украинските војници започнале контраофанзива во областите Орихово-Василивка, Бахмут, Бохданивка, Јахидне, Клишчијивка и Курдумивка и во секоја насока напредувале „од 1 до 2 километри“.

Укринформ ја пренесува изјавата на Малиар на Телеграм, во која таа вели дека украинските одбранбени сили извршиле и одбранбени и офанзивни операции на исток во текот на изминатата недела и имале тактички успех.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грузиската полиција со водени топови и солзавец ги разби демонстрантите против законот за „странски агенти“

Грузиските безбедносни сили употребија водени топови, солзавец и шок-бомби против демонстрантите пред парламентот доцна во вторникот, остро ескалирајќи ја репресијата откако пратениците дебатираа за нацрт-законот за „странски агенти“, кој...